Со Меморандумот се поставува систем преку кој регулаторите координирано ќе дејствуваат, секој во својата надлежност, во однос на спроведувањето на националната Стратегија за финтек-секторот чијашто прва верзија е веќе подготвена од Народната банка.
Меморандумот беше потпишан денеска од страна на гувернерката, Анита Ангеловска-Бежоска, министерот за финансии, Фатмир Бесими, претседателката на КХВ, Нора Алити, претседателот на Советот на експерти на МАПАС, Максуд Али и претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски.
Со Меморандумот се предвидува формирање Комитет за поддршка на развојот на иновациите во финансискиот систем. Со Комитетот ќе претседава гувернерот или министерот за финансии, а претседателството ќе ротира еднаш годишно. Покрај Комитетот за финтек-секторот, ќе се формираат и други оперативни тела коишто ќе работат на осмислување и спроведување на стратегиските активности за создавање приемчива финтек-околина.
Првата национална финтек-стратегија би била готова оваа година и со неа би се дефинирале решенијата и политиките со кои ќе се поддржи развојот на иновативните технолошки решенија во финансискиот систем. Развојот на финтек-секторот е од големо значење за јакнењето на економијата на една земја, соопштуваат од Народна банка.






