Долго време ја подготвувавте монографијата за Мизар, истражувавте, баравте материјали, разговаравте со членовите на групата, со новинари и познати музички критичари и од странство, направивте и „фамилирајно“ стебло на Мизар што е новина кога станува збор за вакви изданија. Подготвено ли е сѐ што е потребно за оваа промоција која, ако се следат социјалните мрежи, се очекува со голема возбуда?
-Да, сметам дека е сѐ подготвено за вечерашната промоција на Монографијата за Мизар за низ овој настан достојно да се даде еден одраз на големото дело на овој наш македонски бенд и, би рекол, национален бренд со голема тежина. Навистина мислам дека како ретко кога претходно, сега кога ги имам овие четири книги зад себе, подготвен сум со цело срце и знаење преку оваа промоција на книгата да ја одбележиме 40 – годишнината од основањето на Мизар. Мизар својата креативност и присутност во нашите животи ја започна во октомври 1981 година како гаражен бенд за брзо потоа да започне да врши влијание, најпрво врз младите кои беа определени за некомерцијалната рок музика, а нешто потоа и да врши силно влијание врз самото општество, би рекол и врз Македонија.

Во функција на промоцијата изработив и стебло на сите членови на Мизар, почнувајќи од првата постава, преку подоцнежните состави, во кое се најдоа и сите музичари кои макар и за кратко биле дел од Мизар. Верувам дека сите тие луѓе кои ставиле макар едно камче во мозаикот на големата приказна, се горди затоа што генот на Мизар влегол во нив.
А тој урбан ген на Мизар влегол и во мапата на светската културна ризница. Мизар, практично, е институција која што веќе четири децении остава неизбришлива трага во културното живеење на Македонија и е сериозен репрезент на оваа држава, би се осмелил да кажам, вграден е во столбовите на државноста децении наназад. Велам, и со децении нанапред па и низ идните векови Македонија треба да се гордее со Мизар.
Не е вообичаено во нашите медиуми за еден домашен рок-бенд да се говори како за култура, за високи уметнички вредности и дострели, за општествено влијание, дури и за значење за македонската државност…
-А зошто да не? Мизар е одамна излезен од границите на македонската уметност, Мизар претставува балканско па и светско културно богатство. Светот од Македонија добил десетици сериозни културни и музички дејци, ама нашата јавност не е многу информирана дека сме имале и бројни квалитетни рок – бендови кои исто така се наша култура. Но, да потенцирам, Мизар и Леб и Сол оставија навистина јасна трага пошироко од границите на Македонија. Да, вие би биле во право дека претерувам, доколку ваквите оценки ги искажувам само јас. Но не е така. Јас овие оценки ги кажувам базирајќи ги на изјави, заклучоци и бројни текстови на новинари, рок – критичари од поранешна Југославија, но и од други земји од светот. Тие многу високо ја вреднуваат вкупната оставнина на Мизар. Се разбира, Мизар не е една црта – имаше варијабили низ кариерата, но секогаш нас пријатно нѐ изненадуваа оние отскокнувачки осцилации во однос на таа, сепак секогаш позитивна линија.

А осцилациите во овој момент, накаде тежнеат? Песната „Изгорен од ова сонце“ на последнава постава на бендот има на Јутјуб гледаност од 50.000 за еден месец…
-Ах, тешко прашање. Но бидете сигурни дека ќе има и ново високо отскокнување. Јас лично очекувам Мизар, кој сјае постојано, одеднаш повторно силно да светне. Мизар е нашата ѕвезда на надежта. Во монографијата и пишува што е Мизар – ѕвезда на надежта, ѕвезда водилка, која го осветлува патот. Ѕвезда која оној што може да ја здогледа на небото, има добар вид, има добар осет, а тоа значи, нели, дека има добар вредносен суд за музиката, да се адаптираме во дефинициите на бендот, во овој случај. Јас сум хроничар, јас го чувствувам пулсот. Затоа, јас се надевам, и очекувам, дека во поблиска иднина Мизар ќе блесне во некаква изненадувачка фракција или можеби дека ќе нѐ почести, веројатно епизодно, во почетнатата постава. Мизар и сѐ можно.

Зошто монографија токму за Мизар? Прва монографија за еден бенд, па токму за Мизар. Има и нешто лично во таквата одлука?
-Се разбира дека има и личен однос и ќе го објаснам тоа, но најпрво да потенцирам, ни од далеку во младоста не сум бил лично поврзан со членовите на Мизар. Јас сум роден во Кочани. Кога Мизар ги прави првите големи чекори, јас сум само еден тинејџер кој тоташ живее во тој мал град, оддалечен од вистинските рок случувања во земјава. И, одеднаш Мизар влегува во мојот живот. Во 1986 година, јас, детето од Кочани, на Телевизија Скопје го здогледав Мизар. Тоа беше телевизискиот спот со песната „Стој”, првото емитување на песната на телевизија, всушност, првото телевизиско појавување на Мизар.

И? Сигурно ќе прашате. Песната Стој на Мизар предизвикаа вистински шок, потрес во мене. Одеднаш, се пронајдов, тоа што длабоко го чувствував во себе го открив дека е реално, својата младешка бунтовност ја препознав во Мизар. Преку спотот си потврдив дека тоа што го има во мојата мала средина, не е тоа што и навистина пошироко постои. Осознав дека и јас можам да творам, можам да изразам бунт, да бидам дел од мојот македонски народ, а да имам критичен однос кон општеството, и дека можам да творам со национална гордост, и дека можам, како Македонец, да бидам прифатен во таа тогашна Југославија. Мизар го смени мојот живот и верувам дека ме направи подобар човек.
[video:https://youtu.be/23FD_zB4UyQ autoplay:0]Тоа е тој позитивен шок предизвикан кај мене, се сеќавам како вчера да беше… Низ годините потоа следуваа разни влијанија, се обидов и да создадам бенд, да направам нешто повеќе, подоцна, еве гледате, пронајдов друг израз. Но она, вредносното влијание од Мизар, остана во мене.

И натаму ги следите музичките текови, има ли денес некој кој може да приготви сличен културен шок?
-На овие мои години веројатно не би можел повторно да доживеам така драматичен шок. Ама, јас и натаму верувам дека телевизијата сѐ уште може да влијае врз малите, но и големите средини. Рок музиката и натаму може да изврши широко влијание во општеството. Речиси и досаден станав со постојаните апели до телевизиите да одвојат време од својата минутажа за рок музиката, затоа што таа не е забава, таа е и култура, уметност, таа е порака. Можеме и да кажеме дека е дел од народот на секоја држава. Интернетот и социјалните мрежи не се доволни иако се добредојдени. Треба и институционално да се дејствува. Попусто ли имаме телевизии со национална концесија? Па, треба да се има однос и кон музиката. Рок музиката е наше добро, со добри бунтовни пораки. Треба ли да предупредиме? Кому му е потребна иднина со младина со наведната глава?
[video:https://youtu.be/hjMlu33Yj5E autoplay:0]Зад вас се четири значајни книги за рок културата.. Монографијата претставува одбележување на работата на Мизар како бенд кој создава песни генерално базирани на македонската традиција и идентитет. За идентитетските прашања политички доста се говори изминативе месеци и тие прашања се издигнати на ниво на ЕУ. Имате ли и мотив во тој контекст?
-Поентата на самата промоција е дружењето, да се соберат членовите на Мизар од различни постави и декади, како и почитувачите на нивната оставнина. Планирам и сериозна изложба за Мизар, но за тоа во друга прилика. А втората поента на промоцијата и на создавањето на Монографијата би можел да ја ставам во контекстот на конкретното прашање. Имаме сериозна музичка култура, сериозен музички идентитет, на кој што за жал, како општество, како држава, скоро и да не се навраќаме.

Како да оставаме приказната да тече, ама старите би кажале дека реката понекогаш знае и да пресуши. Да не ни се случи како со Дојранското Езеро, полнењето да го вршиме вештачки. Македонската музичка културна оставнина е толку значајна што државата треба да стимулира новите генерации да се запознаат со неа па и да ја изучуваат. Ќе илустрирам: од првиот албум на Мизар, винилен производ издаден во 1988 година во Љубљана, Македонија нема реиздание. Во формат на ЦД е издаден после 15-тина години. Државата треба да води сметка и за тие работи. Зборуваме за 40 години Мизар. Реизданија на винилите на Леб и Сол исто така не се направени. Не е поентата песните да ги најдеш на интернет. Треба во физичка смисла да постои тоа што било значајно за македонската држава. И да постои за векови нанапред. За држава зборуваме. За држава која заборава да обележува значајни годишнини.
За Македонија за која зборуваме, ви помогна ли државата за монографијата?
-Имам минимална поддршка за книгата од државата, но далеку е тоа од реална стимулација. Можам со кого сака од државата да дискутирам за нејзината поддршка што ја дава за вакви проекти и да ѝ укажам дека се губат драгоцени месеци во административно непотребни работи низ тие лавиринти. Трудот за ваков проект не е споредлив со ангажманот за една мала изложба, мал концерт, книгиче поезија, промоција на расказ, притоа не сакам да бидам сфатен погрешно зашто не потценувам ничив ангажман. Но, сега зборуваме за тоа дали имаме континуитет на грижата за вредностите на оваа држава за капитални дела. Се разбира, можам да посочам на луѓе поединци кои ми помогнаа многу на други начини, не во класична комерцијална смисла, но изнајдоа начин како да помогнат затоа што знаеја дека е тоа значајно за македонската култура, Мизар 1981-2021. Стојам на тврдењето дека сите мои книги се плод на напорна работа, тоа се квалитетни дела и навистина во добра форма презентирани и никако не смееше да бидат поинакви.

Многу ми е драго што многу урбани луѓе кои се иселени низ светот, ги имаат моите книги, ги побараа, им беа пратени, или ги однесоа со себе. Книгите ги има денес во Нов Зеланд, во Финска, во многу земји, во Конресната библиотека на САД. Притоа, искуствено можам да потврдам дека за жал, е загрижувачки процесот на иселување од Македонија. Но тие луѓе, се врзани со својата татковина и мене ми е драго што сме поврзани и на овој начин. Познавам многу луѓе кои со Македонија се поврзани во нејзината урбана смисла. Ама овде, за жал, ја губиме урбаноста.
Конечно, кога бевте одбиени на последниот конкурс на Министерството за култура, огорчено изјавивте дека повеќе нема да пишувате. Веројатно овој став, искажан веднаш по објавената листа на поддржани проекти од значење за државата на која не се најде вашето име, потоа го премислувавте. Ќе пишува ли Тошо Филиповски или не?

-Поради тоа што се случи, сѐ уште стојам на ставот дека нема да пишувам. Ама тоа не значи дека нема да создавам. Следно можеби ќе биде документарец… За тоа потоа.
На крајот од овој разговор ние би додале – Тошо ја напиша првата Македонска рок енциклопедија. А тоа значи дека веројатно ќе ја напише и втората Енциклопедија. Зошто? Затоа што рок енд ролот е како река што тече. Ќе го исправиме Тошо во една изјава погоре во ова интервју, а тоа е дека, како што ние би кажале, сепак има реки што не пресушуваат. Ќе пишува, а што ќе прави… Дел од материјалите за вакво ново дело веќе ги има собрано. Не веруваме дека престанал да собира и нови и нови… и стари… до кои во меѓувреме дошол.
Панта Џамбазоски






