Во документот објавен од ФБИ се наведува дека целта на севернокорејските ИТ работници е да ги заобиколат санкциите на САД и ОН и да ѝ донесат пари на својата земја за нуклеарно оружје и за програмите на балистички ракети. Официјални лица рекоа дека компаниите што вработуваат севернокорејски ИТ работници би можеле да се соочат со правни последици поради прекршување на санкциите. Тие додадоа дека некои од овие работници се наоѓаат во странство и живеат во Русија и Кина, но и во Африка.
„Има илјадници севернокорејски ИТ работници кои сакаат да најдат работа во странство и потоа да остварат приход што доаѓа до севернокорејската влада. Севернокорејските ИТ работници ги искористуваат барањата за специфични ИТ вештини, како што се развој на софтвер и мобилни апликации, за да добијат договори за работа од клиенти ширум светот, вклучувајќи ги САД, Европа и источна Азија“, соопшти ФБИ.
Вработените од Северна Кореја се преправале дека се од Јужна Кореја, Јапонија или други азиски земји, се вели во документот. ФБИ напиша и на кои работи треба да внимаваат работодавците за да разберат дека потенцијалниот вработен всушност е од Северна Кореја. Тие изјавија дека ИТ професионалците од Северна Кореја не сакаат да разговараат со работодавецот преку видео повик и дека сакаат да бидат платени во виртуелна валута.
Голем дел од парите што ги заработуваат севернокорејските ИТ работници ги зема нивната влада. Иако повеќето од нив тајно бараат работа поради заработка во виртуелна валута, некои од нив бараат работа поради хакерски активности. Во документот се наведува дека некои ИТ работници од Северна Кореја помогнале во хакерските операции на Пјонгјанг.
Исто така, ИТ работниците можат да украдат информации за кориснички сметки во американски и други банки за да го потврдат својот идентитет на платформите за фриленсери или компании кои вработуваат работници од странство.
„Вработувањето на Севернокорејци носи многу ризици, како кражба на интелектуална сопственост и податоци, а има и правни последици“, се вели во документот на ФБИ.






