понеделник, 30 март 2026

Европратеници бараат да ѝ се замрзнат преговорите на Србија со ЕУ ако продолжи да го величи Путин

Објавено на

часот

Сподели

„Имајќи ги предвид неодамнешните настани околу руската агресија на Украина, длабоко сме загрижени поради ситуацијата на Западниот Балкан, а особено поради очигледното непочитување на обврските на Србија како земја кандидат за членство во ЕУ“, порачаа европратениците во писмо упатено до претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен и потпретседателот Жосеп Борел.

Во писмото на кое прв е потпишан пратеникот на ЕП од Словенија Клемен Грошељ, се наведува дека Србија во сегашната ситуација треба јасно да се определи за војната во Украина.

Во својот повик европратениците истакнуваат дека Србија како кандидатка за членство одби да ѝ воведе санкции на Русија како одговор на агресијата, што е спротивно на одлуките кои ги донесоа членките, но и кандидатите во процесот на придружување.

Србија, како што наведуваат, со години го задржува двосмислениот став за своите вистински намери околу почитувањето на обврските преземени во процесот на пристапување во ЕУ, а во последните години ја јакне соработката со Русија, особено во областа на енергетиката и војската. Слично е и со односите на Србија со Белорусија на (претседателот Александар) Лукашенко, од кого Белград доби „великодушни донации на убиствено оружје“.

Освен тоа, според европратениците, Србија во последните години назадува на повеќе подрачја, како владеењето на правото, почитувањето на човековите права, слободата на медиумите и слободата на изразувањето.

Исто така, се наведува во писмото, српските медиуми кои се под контрола на владејачката Српска напредна партија (СНС) „секојдневно го величаат рускиот претседател, ширејќи лажни вести за ЕУ и руската агресија во Украина“.

„Србија има право да го следи моделот на Путин ако тоа го сака, но мора јасно да ги изрази своите намери и да престане да се прави дека сериозно тежнее кон членство во ЕУ. Србија може слободно да реши во која насока сака да оди, но не може понатаму да се смета за соговорник од доверба и не може да продолжи да добива пристапна финансиска помош додека не се реши“, се наведува во писмото.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ