Според новиот, модифициран предлог, Унгарија и Словачка би можеле да продолжат да купуваат руска нафта до крајот на 2024, а Чешка до јуни истата година, под услов пред тоа да не обезбеди алтернативен извор преку нафтовод од јужна Европа, потврдиле изворите.
Словачка и Чешка бараат изземање од ембаргото на руската нафта, а Унгарија отворено се противи на идејата за воведување забрана на увозот.
Предлогот вклучува и тримесечен премин пред да им се забрани на бродовите од ЕУ транспортот на руската нафта, наместо еден месец, додал еден од изворите. Сите зборувале под услов да останат анонимни.
Извршната власт на Европската Унија предложи во средата нафтено ембарго како дел од поширокиот пакет санкции на ЕУ на Русија, шести откако Москва на 24 февруари ја нападна Украина.
Според изворниот предлог, повеќето земји од ЕУ ќе мора да престанат да купуваат руска нафта шест месеци по усвојувањето на мерките и да го прекинат увозот на нафтени деривати од Русија до крајот на годината.
Унгарија и Словачка на почетокот добија рок за прилагодување до крајот на 2023 година.
На Бугарија ѝ е одбиено продолжување на роковите
Бугарија исто така побара изземање, но не ѝ се понудени отстапки во роковите, „бидејќи тие немаат никаква смисла“, кажа еден извор. Останатите три земји кои добиле повеќе слобода „имаат објективен проблем“, додал изворот.
Еден од изворите кажал дека продолжувањето на роковите е пресметано според времето кое веројатно е потребно за надградба на нафтоводите. На Унгарија и Словачка отпаѓаат само 6 отсто од увозот на нафта во ЕУ од Русија, а изземањето нема да го смени ефектот врз руската економија.
Дипломатите кажале дека разговорите биле сложени и дека не е јасно дали новиот предлог ќе добие поддршка од сите 27 држави на ЕУ, што е потребно за нафтеното ембарго да стапи на сила.






