Претседателот на Турција денеска жестоко го критикуваше западниот свет во врска со руската инвазија на полуостровот Крим во 2014 година, велејќи дека посилниот одговор тогаш можеби ќе ја спречеше актуелната војна на Москва против Украина.
„Доколку целиот Запад кренеше врева против инвазијата на Крим во 2014 година, дали ќе се соочевме со денешната слика?“, праша Реџеп Таип Ердоган на церемонијата на отворање на тридневниот дипломатски форум во Анталија во јужна Турција.
Во 2014 година, Русија го анектира украинскиот полуостров Крим, потег сметан за нелегален од меѓународната заедница, вклучително и Турција и Генералното собрание на ОН.
„Украина е напуштена во својата праведна кауза“, рече турскиот претседател додека руско-украинската војна го одбележува својот 16-ти ден.
„Нашата надеж е дека умереноста и здравиот разум ќе надвладеат и оружјето што е можно поскоро ќе замолкне“, рече тој за војната.
Иако ја поддржа легитимната борба на Украинците, Ердоган зборуваше против демонизирањето на руската уметност, литература или уметници, велејќи: „Фашистичките практики против руските државјани и култура во западните земји никогаш не може да бидат прифатливи“.
Во војната на Русија против Украина, која почна на 24 февруари, досега се убиени најмалку 564 цивили, а 982 се повредени, соопштија ОН, предупредувајќи и дека условите на теренот го отежнуваат потврдувањето на вистинската бројка.
Над 2,5 милиони луѓе побегнаа во соседните земји, а околу 2 милиони се проценува дека се раселени во рамките на Украина, според Агенцијата за бегалци на ОН.






