Американската влада соопшти дека пулсната електромагнетна енергија, особено во опсег на радиофреквенциите, уверливо ги објаснува болката во ушите, вртоглавицата и другите симптоми на некои од оние кои патат од болеста за која први известија американски дипломати во главниот град на Куба во 2016 година.
Веќе подолги време постои спорна дебата за тоа дали симптомите кои го погодуваат американскиот дипломатски персонал низ светот се предизвикани од некој вид уред или се од психолошка природа, наведува Би-би-си.
Меѓутоа, во најновиот извештај на експертската комисија на американската разузнавачка заедница се наведува дека симптомите се „вистински и уверливи“ и дека може да се предизвикани од надворешен извор.
Најновата студија испитала повеќе од илјада доверливи документи и интервјуирала сведоци за да се фокусира на групата луѓе кои патат од одредена група симптоми.
Заклучно е дека оваа група случаи не може да се објасни со еколошки или медицински услови, и дека може да е предизвикана од некаков вид надворешен извор или уред.
„Неколку аспекти на овој единствен невросензорен синдром кажуваат дека е малку веројатно да е предизвикан од функционално невролошко нарушување“, соопшти комисијата, додавајќи дека сè укажува на „надворешен стимуланс“ или извор.
Студијата открила дека импулсната електромагнетна енергија, особено во радиофреквенциски опсег, „веројатно ги објаснува“ основните карактеристики, но дека и понатаму постојат „дупки во информациите“.
Заклучено е дека нестандардни антени би можеле да имаат ефект врз човечкото тело, и дека еден таков извор би можел да биде скриен и да бара само умерена сила, како и дека може да патува низ воздухот и низ ѕидовите на зградите.
Во најновиот извештај, меѓутоа, не се навлегува во одговорноста и во тоа кој би можел да стои зад таквите активности.
Почнувајќи од Хавана и 2016 година, американските дипломати и разузнавачи почнаа да се жалат на низа необични симптоми.
Нивните тврдења, меѓутоа, на почетокот главно беа отфрлани во владата, но во последните години тие се посериозно сфатени и охрабрени се да ги пријавуваат сличните симптоми.
Сето тоа доведе до наплив од такви случаи, чиј број порасна на најмалку илјада во целиот свет.
Случаи се пријавени во Русија, Кина, Таџикистан, Австрија и некои африкански земји.






