Претставниците на македонските транспортни компании велат дека економскиот удар е и врз целокупниот систем во државата, а последиците ги трпат и возачите и превозниците.
„Ние сме трет ден тука, штрајкуваме и нема да отстапиме додека не се најде решение за проблемот,ние само сакаме достоинствено да заработиме, не да бидеме третирани како криминалци. Со тие 90 дена ограничувања, се отежнува работата, ќе биде намален и приходот, и нашата работа ќе трпи, но и бројот на возачи ќе се намали, така што ќе биде доведена егзистенцијата на семејствата и наши и нивни. Едноставно ќе застане економијата и во Македонија и на фирмите македонски што се низ Европа“, рече Александар Цветановски „Стела интернационал” Куманово.
Посочи дека веќе има поголем број случаи во кои нивни колеги и од Македонија и од другите балкански земји кои не се во ЕУ да бидат вратени, депортирани како што рече, како криминалци, а работат легална работа со сите потребни документи.
„Нашите камиони се заглавени низ Европа. Работата ни е доведена во прашање,ние од тоа егзистираме. Еве јас имам товарено роба за Италија, а не можам да ја реализирам турата. Како мигранти не третираат на запад, нас не депортираат,а камиони со роба вредна и над 300.000 евра за коминтенти,останува заробена и економскиот сектор трпи големи загуби“, рече Благе Пешевски, „Дав Шпед” Куманово.
На конвојот блокади пред самиот граничен премин Деве Баир кон Бугарија, од македонската страна на границата се затекнати и трет ден заглавени и бројни превозници и возачи од Бугарија, Турција, Романија, Полска, Унгарија, Австрија.
Странските државјани добиваат храна и вода од страна на организаторот на протестите, македонските превозници, а денес им беше организиран и краткотраен престој во хотел за одржување лична хигиена.
„Има 30-40 турски возила на патот само овде кај Деве Баир, заглавени сме и не знаеме колку ќе трае. Страдаме тука, сакаме да си одиме дома. Благодарност до Македонците кои ни обезбедуваат топол оброк, многу се добри, а еве денес ни помогнаа и да можеме да се истушираме. Сепак, сакаме да си одиме дома, тие си одат дома навечер, а ние сме во камионите на минусни температури“, изјави Хусеин Тургут од „Мерсан транспорт”.
Рече дека имаат проблем во сите балкански држави, а само во Македонија имаат паркирани околу 200 возила по бензински пумпи кај Куманово, Гостивар и на други места.
Протестот на возачите на камиони што почна во понеделникот ги парализираше товарните терминали на сите гранични премини од Западен Балкан кон Европската Унија, предизвика сериозен колапс на товарниот сообраќај.






