„Моделот на злосторства извршени од руската војска, кои ги документиравме, вклучува незаконски напади и намерно убивање цивили. Од витално значење е сите одговорни, вклучително и оние во командниот синџир, да бидат изведени пред лицето на правдата“, рече генералната секретарка на организацијата, Ањес Каламар.
Амнести интернешнел соопшти дека се собрани докази и сведоштва во осум града во близина на Киев, вклучувајќи го и Буча.
По опсадата и повлекувањето на руската војска од Буча, украинските власти на улиците и во масовните гробници пронашле ликвидирани цивили, а на некои им биле врзани рацете.
Регионалниот гувернер на Киев, Олександр Пављук, изјави дека во регионот околу Киев се пронајдени најмалку 1.235 тела на цивили.






