понеделник, 22 декември 2025

До општество еднакво за сите со нула толеранција за корупцијата

Објавено на

часот

Сподели

Во обраќањето тој кажа дека ги има поминато сите обуки, врвни легислативи во борбата против корупцијата и јасно му е каде треба да стигнеме по процесот на спроведување на сите реформи во областа на борбата против корупцијата.

„Дали сме блиску, не многу сме далеку. Пред нас имаме многу работа, а таа работа зависи од посветеноста прво на сите одговорни политички ресори во државата и во одговорноста на сите професионални – функционални ресори во државата. Тоа не е еднократен акт на дејство, тоа е воспоставување систем каде луѓе со високи етички и морални вредности ќе бидат дел од раководење со сите институции. Тоа не го споменувам случајно, затоа што оние институции и организации, без разлика на нивната независност, кои се најмногу изложени на можноста за корупција вообичаено со текот на времето, доколку нема добра легислатива и добро не се спроведува, стануваат најотпорни на притисок и продолжуваат на начинот на кој работеле до денот кога кај нив се правела контрола“, рече Ковачевски.

За тоа да се промени мора со партнери кои имаат ресурси и знаење да работиме сите заедно и да дадеме многу напор, бидејќи треба многу работа, труд, посветеност, за да се направи еден милиметар исчекор во борбата против корупцијата, порача Ковачевски.

Но тој исчекор, како што рече, сите граѓани ќе го препознаат, ќе го почитуваат и сите заедно ќе направиме подобро општество за живеење на граѓаните и подобри услови за работење на компаниите во државата.

Претседателка на Државната комисија за спречување на корупцијата Билјана Ивановска нагласи дека нивната заложба за достигнување висок степен на одговорна, отчетна, ефикасна и непристрасна администрација и извршна власт била препознаена од ЕУ, така што и денешниот настан е само една од активностите што заеднички ги организираат во рамки на ИПА 2 проектот, промовирање на транспарентност и одговорност во јавната администрација и токму затоа насловот е „Култура на интегритет – Пат до успех во борбата против корупцијата“.

Таа најави дека учесниците денеска ќе дискутираат за политиките на интегритет, на заштитеното пријавување, а ќе се презентира и практичното упатство за правилото за ад хок откривање и управување со случаи на судир на интереси за членовите на Владата, а овој документ ДКСК го има изработено следејќи ги препораките на ГРЕКО.

„Ризиците кои можат да произлезат од судирот на интереси претходно беа потценети и останаа во сенка на ризиците поврзани со корупција, но сепак ГРЕКО во последните извештаи им обрнува особено големо внимание и не потсетува дека постоењето на судир на интереси е ситуацијата што често се случува и претставува терен што води кон корупција“, рече Ивановска.

Крајната цел, според неа, е поставување воедначена линија по која ќе се движиме сите, насока која ќе ја препознаеме и отчетност што ќе не донесе до поинакво ниво на соработка.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски во обраќањето на собирот посочи дека токму борбата против корупцијата е утврдена на врвот од стратешките приоритети во Стратешкиот план на Министерството за внатрешни работи 2021-2023. Тој нагласи дека МВР секоја година усвојува Антикорупциска програма што има за цел да воспостави систем на мерки кои ќе овозможат справување со корупцијата и идентификување на причините, условите и факторите што ја овозможуваат.

Според ваквата програма, наведе тој, обврска на сите вработени е при извршување на работните задачи да постапуваат согласно правилата, прописите и професионалните стандарди кои се применуваат во Министерството и полицијата.

Спасовски потсети дека МВР има изготвено изменувања и дополнувања на Законот за внатрешни работи во делот на задолжително воведување на тестови за проверка на интегритет при засновање на работен однос, како и тестови за проверка на професионалниот интегритет на сите вработени лица во Министерството.

Тој лично е уверен дека токму високиот полициски интегритет е основа за создавање меѓусебно почитување и доверба помеѓу граѓаните и полицијата и има голема улога во ефективната борба против криминалот и корупцијата.

Изминатиов период со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, спроведена е обука на вработените од Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, на тема „Проверка на професионален интегритет“.

Во рамки на проектот „Надворешен механизам за контрола на полицијата“ во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција формирано е и започна со работа специјализирано одделение за истражување и гонење на кривични дела сторени од страна на лицата со полициски овластувања и припадниците на затворската полиција кое издава директни наредби на вработените во Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди околу гонење на полициски службеници – сторители на кривични дела.

Според Спасовски, донесувањето на нов Етички кодекс за однесување на вработените во МВР, воведувањето на Тестови за интегритет за нововработените, но и Тест за професионален интегритет за вработените во МВР, градење на професионална полиција без партиски влијанија, пријавување на имот и интереси од страна на највисокото раководство или одредени позиции во полицијата, се само дел од препораките од Групата на Советот на Европа за борба против корупцијата – ГРЕКО.

Тој уште еднаш нагласи дека задолжителна обврска на секое општество е да ги мобилизира сите институционални капацитети во справувањето со корупцијата и непрофесионалното постапување на полициските службеници и градењето на полиција што ќе ужива углед и доверба кај граѓаните.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ