Откажувањето од снабдувањето со руски нафта и гас мора сега да стане императив, порача Џонсон во својот текст, оценувајќи го како грешка тоа што Британија и другите западните нации порано не се спротивставиле на „насилството на Москва“.
Тој процени и дека руската инвазија во Украина е виновна за растот на цените на енергијата, кажувајќи дека „додека паѓаат руските бомби, помалку пари има во вашиот џеб“. „И затоа зависноста (од руските нафта и гас) мора да заврши сега“, кажа Џонсон, тврдејќи дека Русија „може на друг начин да ја искористи таа зависност“.
„Британските даночни обврзници не смеат погрешно да мислат дека тој процес ќе биде лесен, напротив, не се сомневам дека нè очекуваат тешки времиња. Процесот на истиснување на руските нафта и гас, сите енергенси, ќе биде тежок… Мораме да прифатиме дека таквиот потег ќе биде болен“.
Сепак, тој не објасни детално како британските домаќинства ќе се справат со проблемот во блиска иднина.
Предлогот на британската влада вклучува поголемо потпирање на обновливата енергија, вклучувајќи фарми со ветерници и сончеви панели, што, според Џонсон, „е најбрзиот пат да се стекне поголема енергетска независност“.






