Денот ќе почне со дуелот меѓу Арсенал и Манчестер јунајтед од 13:30. Двата големи ривали кои на времето имаа историски битки за титулата во Премиерлигата, овојпат заедно со Тотнем се борат за четвртото место кое носи во Лигата на шампионите.
Арсенал во мечот влегува по победата над Челси на Стемфорд Бриџ, а Манчестер јунајтед по убедливиот пораз од Ливерпул на Енфилд.
Добра вест за Манчестер јунајтед е враќањето на Кристијано Роналдо кој ќе го игра овој меч откако го пропушти дуелот со Ливерпул поради смртта на неговиот новороден син.
Од 18 часот во Милано, Интер ќе ја пречека Рома. Жозе Мурињо уште еднаш ќе игра против клубот со кој испиша историја, а најавено е дека фановите на нероазурите ќе му искажат посебна почит на овој меч кој е распродаден.
Интер води жестока трка со Милан за Скудетото и секој кикс може да биде кобен, Рома пак е во одлична форма, нема пораз на последните 12 натпревари во Серија А.
Во Бундеслигата од 18:30 часот Баерн Минхен ја пречекува Борусија Дортмунд и доколку победи ќе ја завери шампионската титула. На четири кола до крајот разликата меѓу нив е девет бода.
Баварците ќе бидат сериозен фаворит во овој меч, Борусија Дортмунд има вистинска болница во своите редови, голем дел од клучните фудбалери им се во аут поради повреда, дел од нив се Азар, Хумелс, Мален, Муние, Шмелцер, Витсел…






