четврток, 1 јануари 2026

Чудно е министер за надворешни работи да најавува трета светска војна, вели професор од Киев

Објавено на

часот

Сподели

„Ако ги земеме предвид сите околности, сегашната ситуација, што се однесува на преговорите, не изгледа оптимистичка, поради потезите на Русите. Тука е најавата за референдум, затворањето луѓе, оневозможувањето хуманитарни коридори од Мариупол, сето тоа негативно влијае на перспективата за преговорите.“

Тој ја коментираше и изјавата на Сергеј Лавров, кој рече дека е реална заканата од трета светска и нуклеарна војна.

„Многу чудна ситуација. Чудно е за сите што ги познаваат меѓународните односи кога министер за надворешни работи, чија задача е да ги развива односите со други земји, најавува трета светска војна. Со тоа што тој нема ни никаква врска со носењето такви одлуки. Во некои ситуации тој има право, на пример, дека ситуацијата на бојното поле ќе одреди кога преговорите ќе завршат со мировен договор. За тоа зборуваше и нашата украинска страна, дека всушност армијата ги одредува условите под кои ќе се потпише мировниот договор. Досега нашата страна зборуваше дека нема да има разговори кога станува збор за референдуми на окупираните територии. Друга работа е уништувањето на луѓето во челичарницата во Мариупол, што исто така нема да биде позитивна точка за продолжување на преговорите“, објасни тој.

Тој вели дека не мисли дека ќе има руски упад во Одеса бидејќи руската армија веќе нема доволно сила да го стори тоа. „Тие сега не можат да ги заземат ни помалите села во областите каде што се водат борбите, а камоли да треба да пробијат 500 километри украинска територија“, рече тој.

 

„Тоа што Русите завчера се обидоа да го направат со ракетирањето на Одеса и погодија станбена зграда, каде што може да се види како крстосувачка ракета со својата нормална траекторија погодува станбена зграда, каде што нема никакви воени капацитети, значи дека или Русите немаат софистицирано оружје или дека гаѓаат цивилни цели“, рече тој.

Тој исто така рече дека ноќта од неделата кон понеделникот Украина ги претрпела најтешките напади. „Тие ги погодија станиците за електрично напојување во железниците во сите делови на Украина, најверојатно за да се отежни испораката на воена стока и опрема што другите земји ја испраќаат во Украина со железница“.

„Чудно е кога ОН се будат два месеци по почетокот на војната“

Дали оваа воена помош може да ја промени ситуацијата на бојното поле?

„Мислам дека воената помош може значително да ја промени ситуацијата на теренот и тоа може да се види од резултатите од акцијата. Дали е можно овие територии дефинитивно да се припојат кон Русија или креациите што таа ги измислува? Се сомневам дека тоа може да потрае долго. Украина ќе се обиде да не дозволи такво сценарио“.

На крај, тој ја коментираше денешната најавена средба меѓу Владимир Путин и генералниот секретар на ОН:

„Мислам дека изгледа многу чудно кога, два месеци по почетокот на големата војна во Европа, ОН ќе се разбудат и ќе се обидат да направат нешто. Знаејќи ја состојбата во Русија, се сомневам дека, ако не успеале другите политичари и пратеници од други земји, генералниот секретар на ОН ќе може да направи нешто, но барем нека проба. Не сум оптимист“, заклучи тој.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ