Доказите се спротивни на изјавите од Русија дека војниците се враќаат назад во касарните, се вели во анализата на британското Министерство за одбрана.
„Не видовме доказ дека руските трупи се повлекуваат од украинските погранични области“, соопшти британското министерство. Русија го задржува значителното воено присуство со кое може да изврши инвазија без предупредување, се додава.
Велика Британија верува дека речиси половина од руските сили што се собраа во близина на Украина сега се наоѓаат на педесетина километри од границата, за разлика од изјавите од Москва дека нејзините сили се враќаат назад во касарните.
Во процес на пристигнување е засилување од 14 баталјони, додадоа официјалните лица, притоа истакнувајќи го понтонскиот мост што набрзина беше поставен во Белорусија во изминатите неколку дена, како пример за невообичаена воена активност.
Во снимката на прашањето „Зошто претседателот Путин сака војна“ се вели дека шефот на руската држава ја гледа Украина како тампон зона во однос на НАТО и дека мисли дека таа земја е културолошки и историски дел од Русија.
„Со тоа не се прифаќа Украина како независна држава, но таа е независна држава“.
Путин, се додава, не е среќен поради тежнеењето на Украина да се приклучи на НАТО и сака да ја врати под контрола на Русија.
Понатаму, се тврди дека Русија распоредила „енормен број“ војници долж границата со Украина, а британски разузнавачки извори тврдат дека Русија и понатаму ја крева воената моќ „рапидно“.
INTELLIGENCE UPDATE: Russia retains a significant military presence that can conduct an invasion without further warning.
Below demonstrates President Putin’s possible axis of invasion. He still can choose to prevent conflict and preserve peace. pic.twitter.com/QHRM1wNwJG
— Ministry of Defence ?? (@DefenceHQ) February 17, 2022
Руските сили се распоредени од Крим, преку западна и југозападна Русија, до Белорусија.
Британски разузнавачки извори укажуваат на „абнормалната активност на руската воена морнарица“, од вежбите во северниот Атлантик, Балтичкото Море и Средоземјето.
Во понатамошната воена анализа се оценува дека украинската северна граница се наоѓа во центарот во однос на позицијата на руските воени сили, што е „директна закана за престолнината Киев“.
Инвазијата, се заклучува, може да почне во рок од неколку дена, а на графиката е дадено можното движење на руските воени единици.
„Доколку претседателот Путин избере војна, ќе настрадаат значителен број луѓе за да го добие тоа што го сака“, се наведува.
„Но, претседателот Путин сè уште може да избере мир. Може да избере дипломатија и да ги деескалира тензиите. Тој може да избере превенција на конфликт“, порача британското министерство за одбрана.
[video:https://youtu.be/DPfL3ix7QHY autoplay:0]





