Неговиот близок соработник Небојша Радмановиќ, кој е воедно заменик претседател на Пратеничкиот дом на парламентот на БиХ, кажа дека пратениците на СНСД ќе заминат во Сараево на седницата на државниот парламент закажана за денес.
„Ќе се однесуваме согласно заклучоците на Народното собрание на Република Српска“, кажа Радмановиќ.
Парламентот на РС во вторникот усвои заклучоци според кои функционерите на тој ентитет во парламентот на БиХ, Советот на министри и Претседателството на БиХ во иднина „можат да учествуваат на седниците на тие тела, но на начин при кој во одлучувањето ќе ги уважуваат ставовите и одлуките“ на телата на власта на РС.
Додик најави дека во парламентарната процедура ќе биде испратен предлог за забрана на злоупотребата на поимот геноцид, со што би се надополнил законот за забрана на негирање на воените злосторства кој во јули минатата година го наметна поранешниот висок претставник на меѓународната заедница Валентин Инцко.
Токму тој закон беше повод босанските Срби преку парламентот на РС да ја донесат одлуката за блокада на работата на власта на БиХ сè додека не се повлече законот на Инцко.






