Виктор Золотов, началникот на руската национална гарда и член на Советот за безбедност, рече дека напредокот бил побавен од очекуваното, обвинувајќи ги, како што ги нарече, екстремно десничарските украински сили што се кријат зад цивилите.
„Би сакал да кажам дека да, не се одвива сè толку брзо како што би сакале ние“, рече Золотов во коментарот објавен на веб-страницата на Националната гарда, пренесе Ројтерс.
„Но чекор по чекор одиме кон нашата цел и победата ќе биде наша“.
Золотов му е сојузник на Путин уште пред почетокот на векот, раководејќи го личното обезбедување на лидерот на Кремљ цели 13 години. Од 2016 година тој е на чело на силите на Националната гарда, кои директно му одговараат на Путин и ги распоредуваат трупите во Украина.
Неговите коментари, дадени на црковната богослужба предводена од православниот патријарх Кирил во неделата, се различни од оние на Кремљ и министерот за одбрана Сергеј Шојгу, кои велат дека операцијата на Русија во Украина ќе биде завршена навреме и во целост.
Кремљ во понеделникот соопшти дека операцијата се одвива според планот, но дека неговата армија би можела да го смени начинот и да се обиде да преземе целосна контрола над големите градови. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, рече дека Русија внимава да не гаѓа цивили.
Ветеран-инсајдер
Золотов е ветеран во Кремљ што како дел од КГБ ги обезбедувал комунистичките лидери во Советскиот Сојуз и беше фотографиран качен на тенк пред руската Бела куќа за време на распадот на Советскиот Сојуз додека Борис Јелцин беше соочен со тврдокорниот пуч во 1991 година.

Тој беше на чело на претседателската служба за безбедност од 2000 до 2013 година, според биографијата од ТАСС. Националната гарда е еден вид внатрешна воена сила, која ја вклучува полицијата за немири ОМОН и други единици.
На состанокот на рускиот совет за безбедност три дена пред инвазијата, Золотов бил најискрен од сите членови кога бил прашан да даде мислење за тоа што треба да направи Русија, вели Ројтерс.
Тој му препорачал на Путин да ги признае двата бунтовнички региони во Украина поддржани од Русија, но додал уште еден совет.
„Треба да сториме повеќе за да ја одбраниме нашата земја“, рекол Золотов. Тоа биле последните зборови на средбата, вели Ројтерс.






