„Сакам да ги уверам граѓаните дека имаме доволна количина на брашно во домашните млинови, а цените на основните прехранбени производи во наредниот период ќе се намалуваат како резултат на одлуките кои што го донесе Владата за заштита на граѓаните од ценовни шокови. До крајот на неделата очекуваме целосна стабилизација на пазарот и во зависност од информациите ќе се укине и забраната за извоз која што беше донесена минатата недела. Наш приоритет е да се грижиме за граѓаните и да ги заштитиме од ценовни шокови”, кажа министерот Бектеши.
Тој информира дека институциите се во комуникација со српските власти за обезбедување на дополнителни количини на пченица и дека тоа не значи дека домашните потреби не се покриени.
Бектеши додаде дека за применување на одлуките на Владата на терен се инспекторите на Државниот пазарен инспекторат и дека согласно извештајот од минатата недела веќе се изречени и казни за трговците кои што не ги почитувале одлуките.

„Минатата недела Инспекторатот утврди неколку прекршоци во Скопје во неколку поголеми супермаркети кои се казнети. Се работи за седум супермаркети кои согласно прекршоците се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките. Министерството за економија прати допис до Инспекторатот да го применуваат и да постапуваат и согласно Законот за потрошувачи каде што е предвидено ако се повторат такви прекршоци инспекторите може да изречат и казна забрана за вршење на дејност и до една година за нечесни практики кои се прават во трговијата посебно кога има одлуки на Владата” рече министерот за економија Крешник Бектеши.






