вторник, 31 март 2026

Австриски ОМВ: Ќе продолжиме, се разбира, рускиот гас да го плаќаме во евра

Објавено на

часот

Сподели

„Ова е основата на нашиот договор, не би ни смеел да постапувам поинаку“, изјави шефот на австриската компанија во интервју за телевизијата Пулс24, според транскриптот објавен пред емитувањето синоќа, посочува агенцијата АПА.

„И јас ја видов таа објава“, рече Стајн, алудирајќи на изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека „непријателските држави“ во иднина за руски гас ќе плаќаат во рубли.

„Никој сѐ уште не ни се јавил, има и валидни договори во кои такво нешто не е вклучено“, изјави првиот човек на австриската компанија и додаде дека планираат да чекаат евентуално известување.

Рускиот претседател Владимир Путин вчера попладне најави промени во наплатата на гасот, на состанокот на тесниот владин кабинет.

„Русија, се разбира, ќе продолжи да испорачува природен гас во договорениот обем и по договорените цени… прецизирани со склучените договори“, рече рускиот претседател на состанокот на тесниот владин кабинет, кој беше пренесен од ТВ-станиците.

„Ќе се промени само валутата на плаќање, во руски рубли“, додаде Путин.

Рускиот претседател им даде на владата и на централната банка една недела за да ги направат потребните подготовки, велејќи дека ќе му наложи на производителот на гас Газпром да направи соодветни измени во договорите.

„Треба да се воспостави разбирлива и транспарентна процедура за плаќање за сите странски купувачи, вклучително и купување рубли на домашниот (рускиот) девизен пазар“, додаде Путин.

Стабилизација на рубљата?

Рускиот претседател повлече, гледано од руска перспектива, „интересен шаховски потег“, принудувајќи го Западот да продолжи да се занимава со руската валута, изјави за австриската новинска агенција аналитичарот на Рајфајзен банк интернационал (РБИ), Гунтер Деубер.

ЕУ, од друга страна, би можела да биде принудена да ги преиспита санкциите што ги воведе кон Русија и нејзината централна банка во платниот систем, шпекулира Деубер. Путин со овој потег ги изненади финансиските пазари, кои очекуваа запирање на извозот на суровини, како што се некои метали потребни на европската индустрија, додаде тој.

Во секој случај, со наметнувањето на обврската за клиентите од ЕУ да плаќаат гас во рубли, Русија создава побарувачка за руската валута на меѓународните пазари, што ќе ја стабилизира рубљата на среден рок, смета аналитичарот на РБИ.

Тоа значи дека ЕУ ќе мора да купува рубли ако сака да набавува руски гас, што го отвора прашањето колку длабоки може да бидат санкциите против руската централна банка, бидејќи тргувањето со валути бара канали за плаќање и можности за размена, предупреди тој. Тоа значи дека Западот сега не може целосно да ја изолира Русија, вели аналитичарот на австриската банка.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ