Вимблдон одлучи да им забрани учество на тенисерите кои доаѓаат од Русија и Белорусија, по што АТП се огласи и во официјалното соопштение изрази несогласување со одлуката.
„Строго ја осудуваме окупацијата на Украина и се солидаризираме со милиони недолжни кои се загрозени од војната. Нашиот спорт е горд поради тоа што функционира на принципите на чесност, каде играчите се натпреваруваат како поединци и својот настап на турнирите го обезбедуваат според ранкингот. Веруваме дека едностраната одлука на Вимблдон и Британската тениска федерација за исклучување на руските и белоруските играчи од овогодинешните британски турнири на трева е нефер и претставува преседан“.
„Дискриминацијата на национална основа исто така претставува кршење на нашиот договор со Вимблдон според кој влезот на играчите на турнирот се базира само на нивниот ранкинг. Нашите понатамошни акции во врска со оваа одлука ќе ги договориме со нашите извршни тела. Важно е да напоменеме дека руските и белоруските играчи и понатаму ќе учествуваат на АТП турнирите без национални обележја. Паралелно со тоа ќе ја продолжиме хуманитарната поддршка за Украина“, стои во соопштението.






