понеделник, 16 февруари 2026

АСО: Осигурителните компании лани исплатиле 80.000 штети

Објавено на

часот

Сподели

Според објавените податоци, вкупниот износ на исплатени штети минатата година е повисок за 14 отсто (8,2 мил. евра) во споредба со 2020 година, а лани се исплатени речиси 80.000 пријавени штети.

 За пријавени штети врз осигуран имот осигуреници лани наплатиле 13 отсто повеќе од 2020 година. Сите 11 осигурителни компании за неживотно осигурување за штети врз осигуран имот лани исплатиле 710 милиони денари (11,5 мил. евра). Друштвата за осигурување лани исплатиле речиси 9.000 оштетни побарувања на своите осигуреници. За осигуран имот на физички лица се исплатени вкупно 316 милиони денари (над 5 мил. евра), а на правни лица 394 милиони денари (6,4 мил.евра).

Кај најбрзорастечката класа – приватно здравствено осигурување, исплатата на штети го следи растот на продажба на осигурителни полиси. За минатата година девет осигурителни компании исплатиле 211 милиони денари (3,4 мил.евра), што е двојно повеќе од износот на штети што го исплатиле во претходната 2020 година во која поради здравствената пандемија и почна да расте популарноста на оваа доброволна осигурителна класа.

 Кај осигурувањето од незгода ( најмасовна класа на доброволно осигурување кое покрива речиси 700.000 осигуреници) лани се исплатени штети во вкупна вредност од 434 милиони денари (7мил.евра).  А тоа е за 8 отсто повеќе од претходната година.

За штети врз каско осигурани возила осигуреници наплатиле 507 милиони денари (8,2 мил.евра) или 4 отсто повеќе од 2020 година.

 Од помалку застапените класи на доброволно неживотно осигурување најголем раст на исплатени штети бележат три осигурителни класи. Исплатените штети за карго осигурување се зголемени за 7 пати во однос на 2020 година), а речиси е удвоен износот на исплати за осигурани штети од финансиски загуби. Кај осигурувањето кредити се исплатени 3,75 милиони денари (61.000 евра), додека во 2020 година немало исплати.

 Патничкото осигурување е единствената класа во која лани износот на вкупно исплатени штети е понизок во однос на 2020 година. Сите 11 осигурителни друштва исплатиле 40 милиони денари (0,65 мил.евра) што е за 15 отсто помалку од 2020 година. Во најголемата класа – осигурување од автомобилска одговорност 11 компании лани исплатиле 2,1 милијарди денари (34,2 мил.евра) за речиси 30.000 пријавени штети. Износот на исплатени штети лани е за 12 отсто повисок од претходната година. 

 Во вкупниот износ на исплатени штети лани АДОР „Македонија“ и „Еуролинк“ учествуваат со по 362 милиони денари (6 мил.евра), „Триглав“ со 570 милиони денари (9,2 мил.евра), „Сава“ со 463 милиони денари (7,5 мил.евра), „Евроинс“ со 396 милиони денари (6,4 мил.евра), а „Винер“ со 341 милиони денари (5,5 мил.евра). „Граве Неживот“ лани исплатила 142 милиони денари (2,3 мил.евра), „Уника“ платила 408 милиони денари (6,6 мил.евра), „Осигурителна полиса“ 261 милиони денари (4,2 мил.евра), „Халк Осигурување“ исплатиле 512 милиони денари (8,3 мил.евра),  а „Кроација Осигурување – неживот“ 250 милиони денари (4,1 мил.евра).

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ