
Една од најособените, од вкупно 206, претставки што ги доби АСО е таа во која на осигуреник не му беше продолжено осигурувањето поради тоа што во меѓувреме му бил дијагностициран рак. АСО ги соочила двете осигурителни компании (од кои едната го предава, а другата го превзема осигуреникот) и ги разгледа условите и аргументите на трите страни. Случајот, како што информира АСО, бил решен позитивно, при што двете компании се усогласиле, а осигуреникот добил полиса за животно осигурување која го обезбедува кредитот.
Како што покажуваат официјалните податоци на АСО, во овој период АСО, врз основа на претставки примени од незадоволни осигуреници, на три осигурителни друштва им изрече четири мерки од кои две се парични глоби.
Осигуреници минатата година поднеле претставки за 18 учесници на осигурителниот пазар, а кај 16 од нив бројот на поднесени жалби е поголем во споредба во 2020 година.
Исто така, АСО реши 42 претставки во корист на осигурениците во 2021 година. Во однос на претходната година бројот на претставки решени во корист на осигуреници е поголем за 2,5 пати. Од сите поднесени претставки за 22 е утврдено дека се поднесени без основ, 12 се повлечени од подносителите, а 13 се во процес на постапување. Во корист на учесниците на осигурителниот пазар (компании, осигурителни брокери и други) се решени 65 претставки. Најчесто, поточно во 79 случаи, осигурениците се жалеле на основот на кој се исплатуваат штети кои биле покриени со договори за осигурување. За висината на износот што осигурителните компании го понудиле за исплата на штета се пожалиле 52 осигуреници. Во овие случаи АСО нема надлежност да одлучува за висината на надоместокот, но ги утврдува условите и околностите. За роковите за обработка на штети се поднесени 16 претставки, а за рокот на исплата на штетата се жалеле 8 осигуреници. По други основи се поднесени уште 25 претставки.
Во 161 случај подносители на претставки се физички лица, а 39 претставки поднеле правни лица. Притоа најголем број претставки – 91 се поднесени за осигурани случаи од класата автоодговорност. За осигурување од незгода се поднесени 31 претставка, а за класата имот 21. За животно осигурување се поднесени 15 претставки, за приватно здравствено осигурување се поднесени 6 претставки, а за другите осигурителни класи се поднесени 14 претставки.






