недела, 21 декември 2025

Април – сезона на штрајкови

Објавено на

часот

Сподели

Утре поради неспроведување на усогласувањето на платите по зголемениот минималец, јавниот сектор ќе го блокира работењето на редица државни институции. Од понеделник нема да работат училиштата и градинките. Синдикатите предупредуваат дека ќе има масовни протести и радикализација ако нема договор за нивните барања во однос на зголемување на платите. Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) најави поддршка за колегите и предупреди дека доколку нема слух, власта ќе се соочи со масовни протести. Тие велат дека измените во Законот за административни службеници не носат ништо добро за нив, само по 100 до 200 денари за покачување на платите во јавинот сектор. Манипулацијата е голема, се манипулира со 100.000 работници, кои не можат да земат повисока плата доколку Владата не донесе одлука за зголемување на бодот. Ги повикуваме сите пратеници да застанат на страната на работниците, да ја сопрат оваа манупилација и да не дозволат еден ваков потценувачки закон да помине во Собрание, велат од КСС.
Реакција за Законот за административни службеници стигна и од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Оттаму велат дека така како што е скроен, Законот предвидува покачување на платите само за една група работници во јавниот сектор, но не за сите.
„Токму затоа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе амандман кој имаше за цел усогласувањето со минималната плата да биде предвидено за сите категории вработени според Законот за административни службеници. Но за жал, мнозинството предводено од СДСМ и ДУИ, едногласно го одби“, рече на денешната прес конференција пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Ели Панова и додаде дека со овој амандман се предвидувало линерано покачување на платите на сите вработени во јавниот сектор за 2.800 денари.
Предлогот за линеарно покачување на платите доби поддршка и од Сојузот на синдикати на Македонија, од СОНК и од Синдикатот на УПОЗ. Од КСС зборуваат за синдикално единство исклучиво во интерес на работниците.
Синдикатот на образованието, науката и културата (СОНК) од понеделник ќе стапи во штрајк, ќе биде прекината наставата и нема да бидат згрижувани децата во градинките, зашто на последните преговoри немаше решение за нивните барања. На 14 април најавен е и штрајкот на вработените во Македонска пошта. И тие бараат зголемување на платите за 3.000 денари.
Сојузот на синдикати на Македонија целосно ќе ги поддржи најавените протести и штрајкови за зголемување на платите од најмалку 2.800 денари и ги става на располагање своите капацитети.
Гранковите синдикати кои делуваат во состав на КСС, Синдикатот за администрација и државна управа, Синдикатот за транспорт и врски, Синдикатот за станбено, деловно, комунални организации, Синдикатот на полиција и Синдикатот за енергетика минатата недела излегоа на предупредувачки протест пред Собранието.
Матичните лекари бараат законски измени со кои пациентите нема да се водат на име на лекар, туку на здравствената установа во која работат, да се предвиди полесен пристап до лекови на хронично болните пациенти, како и покачување на капитацискиот бод од 63 на 90 денари по пациент, според кој фондот за здравство им исплаќа плата на матичните општи лекари.
 
ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ