„Последните закани на рускиот амбасадор кон БиХ се опасни, неодговорни и неприфатливи. Ниедна трета страна нема право на глас во безбедносните договори меѓу НАТО и суверените земји“, се наведува во вчерашната објава на амбасадата на САД на Твитер.
The Russian Ambassador’s latest threats to Bosnia and Herzegovina are dangerous, irresponsible, and unacceptable. No third party has a say in security arrangements between NATO and sovereign countries. (1/2)
— US Embassy Sarajevo (@USEmbassySJJ) March 17, 2022
Од амбасадата наведоа дека САД ќе продолжат „да стојат силно со БиХ за време на преземањето на потребните чекори за да обезбеди членство во Евроатланскиот сојуз на нации“.
Рускиот амбасадор Игор Калабухов во интервју за телевизијата на Федерацијата БиХ на 15 март, за можното влегување на БиХ во НАТО, наведе дека тоа е „внатрешна работа на секоја држава“, но дека друго нешто е реакцијата на Русија.
„На примерот на Украина покажавме што очекуваме. Ако има закани ние ќе реагираме“, кажа Калабухов.
Додаде дека не станува збор за директна закана, но дека би се анализирала „геополитичката ситуација“.
„Мислам дека е нереално БиХ да стане членка на НАТО, гледаме дека нема консензус“, кажа Калабухов.
Изјавата на Калабухов ја осуди и претседавачот на Претседателството на БиХ Жељко Комшиќ.
„Пораката на рускиот амбасадор дека ќе следи реакција на Русија, при што се наведува примерот на Украина над која Русија врши агресија е недвосмислена, но истовремено и неприфатлива за Босна и Херцеговина“, се наведува во реакцијата на Комшиќ од средата, 16 март.
Комшиќ истакна дека само БиХ може да донесе одлука за придружување во НАТО.
Руската амбасада и претходно, во март 2021 година во соопштение наведе дека ќе реагира на „непријателскиот чекор“ во случај на практично зближување на БиХ и НАТО.
БиХ во 2018 година е примена во Акциската програма за членство (МАП) во НАТО која е, поедноставено, подготвителна фаза за полноправно членство.
На членството во НАТО се противат сите парламентарни партии од Република Српска, еден од двата ентитети. Инсистираат на тоа дека за евентуалното членство во НАТО треба да се распише референдум, но дека „ќе ги координираат сите потези за тоа прашање со Србија“.






