понеделник, 22 декември 2025

Aктуелни и поранешни функционери на СДСМ влегуваат во бизнисот со електрична енергија

Објавено на

часот

Сподели

Фактор.мк пишува дека поранешниот градоначалник на Ново Село од СДСМ, Боро Стојчев, минатата недела заедно со уште едно физичко лице основал претпријатие за производство на електрична енергија Бојана Енерџи. Произведувачот е регистриран во Ново Коњарево, село во општината што ја водеше Стојчев.

Стојчев инаку во 2018 заедно со уште четири лица, беше фатен при обид за шверц на цигари во близина на македонско-бугарската граница. При тоа беа запленети околу 3.300 штеки цигари во вредност од над три милиони денари, а тој беше осуден на 18 месеци затворска казна, која подоцна беше намалена на половина година.

Истовремено во Нов Дојран е регистрирана компанија со истата дејност со назив Агатон Енерџи. Еден од двата сопственици е Ангов консалтинг Гевгелија, бирото на градоначалникот на Дојран од СДСМ, Анго Ангов, додека управител е извесен Иван Тошевски од Аеродром.

Ангов вели дека инвестирањето во овој бизнис сега е во тренд и дека треба да се искористи економската ситуација. „Мојата инвестиција е заедно со партнер кој може финансиски да ја помогне реализацијата на проектот, но ќе биде потребен и кредит од банка. Во план имаме да изградиме соларен парк од 300 киловати“, ни изјави градоначалникот на Дојран.

Трајче Ангеловски, функционерот од Крива Паланка кој во ноември 2020 беше именуван од Владата за директор на Аеродроми на РСМ, е еден од тројцата основачи новата фирма Енерго солар систем, претпријатие за производство на електрична енергија. Покрај Ангеловски, кој е член на СДСМ; сопственици се уште едно физичко и едно правно лице.
Во меѓувреме во Битола се формирани две претпријатија за производство на електрична енергија – ММ Солар и МИВМ Солар Гроуп. Еден од сопствениците на двете фирми е Миле Јончевски, познат како гласноговорник на Општинската организација на СДСМ од Битола, кој за време на претходната власт алармираше за состојбите на РЕК Битола.
Душко Заев, синот на поранешниот премиер Зоран Заев, неодамна основаше претпријатие за производство на електрична енергија. Душко има 18 години, а ќе ја раководи фирмата Тотал енерџи во Струмица.

Фамилијата Заеви поседува бизниси во повеќе дејности, но ова е прв пат да бидат поврзани со производство на електрична енергија. Името „тотал” го носат уште две компании чиј сопственик е Вице Заев, братот на поранешниот премиер, а тоа се Тотал инженеринг и Тотал електрик. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ