Акцијата, која се одржа од 9 до 11 мај, вклучи над 600 институции, организации и компании, здружени под иницијативата на „Мен енд Маунтен“, со поддршка од ЗЕЛС, Црвениот крст и долгорочни партнери како Пивара Скопје, Пакомак, Нула Отпад, Шпаркасе Банка, ЕВН Македонија, Макстил, Бучим Боров Дол, Саубермахер и Костал.
Министерот за животна средина и просторно планирање Изет Меџити го истакна значењето на оваа најмасовна волонтерска еко-иницијатива, посочувајќи дека акцијата е пример за европско однесување во насока на одржливо управување со отпадот.
Во рамки на „Генералка викенд“ беше реализирана и едукативната програма Еко час во соработка со Министерството за образование и УНИЦЕФ, во која учествуваа над 36.000 ученици и 1.900 наставници.
Петгодишниот успех на акцијата е надополнет и со пошумувачката иницијатива „Сончева Гора“, која во ноември ќе го одбележи својот нов циклус – засадување дрвја во чест на волонтерите. Согласно меморандумот со Министерството за земјоделство и Национални шуми, за секои 10 кг отпад се засадува едно дрво. Во изминатите четири години преку оваа акција се засадени над 125.000 садници низ повеќе региони во државата.
По повод петгодишниот јубилеј, на 17 јуни започнува и патувачката изложба „5 години Генералка Викенд“, која ќе биде прикажана низ сите ЕУ Хаус центри, со старт во Тетово и завршница во Скопје во ноември.
„Генералка викенд“ останува симбол на обединета граѓанска енергија за почиста Македонија. Како што изјавија иницијаторите Гордана Софија и Ханес Јекл: „Со посветеност и преданост можеме заедно да создадеме чуда. Благодарност до сите кои веруваат во оваа мисија.“