Свечената академија ќе се одржи со почеток во 18 часот, во објектот на МНТ со капацитет за над 600 гости, каде се очекува присуство на високи државни претставници, претставници на дипломатскиот кор, културни институции, членови на влашката заедница, како и граѓани од целата земја. Настанот ќе биде достапен и преку директен телевизиски пренос и онлајн стриминг, со цел да се вклучи и влашката дијаспора и пошироката јавност.
Програмата ќе вклучува говори од претставници на Владата и влашките здруженија, изведби на химната на Македонија и Ода на радоста, настап на хор со влашка песна, проекција на триминутно видео посветено на историјата и иднината на влашкиот идентитет, како и музички настапи од естрадни уметници.
На настанот ќе биде потенциран двојазичниот карактер и културната специфичност на заедницата, просторот во МНТ ќе биде брендиран со влашкото, македонското и знамето на Европската Унија, како симболика за припадност, интеграција и заедничка иднина.
Со овој настан, организаторите имаат за цел да ја потсетат јавноста на суштинскиот придонес на влашката заедница во историјата и културниот развој на државата. Преку генерации, Власите се вградени во темелите на македонската држава и општество, со значајни фигури како Питу Гули, Браќата Манаки, Рајко Жинзифов, Михајло Пупин, како и современи културни амбасадори како Калиопи и Тоше Проески. Истовремено, оваа манифестација има за цел да го потенцира зачувувањето на влашкиот јазик, обичаи и културно наследство во модерниот контекст, преку приказни за успеси, отпорност и постојано присуство на Власите во различни сфери од општеството.
Во време кога прашањата на идентитет, културна припадност и мултиетнички соживот се сѐ поактуелни, одбележувањето на Националниот Ден на Власите има поширока општествена и симболичка вредност. Тоа е порака дека разноликоста не е пречка, туку богатство на едно општество. Овој јубилеј е повик за поголема институционална поддршка, заштита на малцинските права и охрабрување на сите граѓани да се гордеат со своето културно потекло.