вторник, 31 март 2026

10.000 руски војници загинаа досега во Украина, објави руски весник, па рече дека хакери му подметнале лажна вест

Објавено на

часот

Сподели

Во написот на страницата на таблоидниот весник Комсомолскаја правда, пронајден со алатка за веб-архива, се цитира руското Министерство за одбрана дека 9.861 руски војник се убиени, а 16.153 се ранети во, како што Москва ја нарекува, својата „специјална воена операција“ во Украина, пренесе Ројтерс.

Тие бројки беа отстранети од верзијата на истата статија што можеше да се види на веб-страницата во вторникот.

Наместо тоа, беше објавено: „На 21 март пристапот до администраторскиот интерфејс беше хакиран на веб-страницата Комсомолскаја правда и беше направено лажно вметнување во оваа публикација за ситуацијата околу специјалната операција во Украина. Неточните информации веднаш беа отстранети“.

Ако бројките се вистинити, бројот на загинатите руски војници од 27-дневната војна во Украина би бил еднаков на околу две третини од проценетите 15.000 војници што загинале за време на 10-годишната советска окупација на Авганистан од 1979 година.

Русија официјално ги нема објавено податоците за бројот на жртвите откако на 2 март соопшти дека биле убиени 498 војници, а 1.597 се ранети.

Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, за новинарите на конференциска врска во вторникот изјави дека нема информации за бројот на жртвите. Тој одби да коментира за инцидентот на веб-страницата, велејќи дека тоа е прашање што треба да му се упати на весникот.

Александар Гамов, дописник од Кремљ за весникот, на истото прашање одговори дека нејзината веб-страница била хакирана и дека таму неколку минути стоеле лажни информации.

Пребарувањето со помош на алатка од непрофитната Интернет-архива (archive.org) покажало дека бројките можело да се видат на веб-страницата на Комсомолскаја правда шест часа и 35 минути помеѓу 13:13 и 19:48 часот во понеделникот, вели Ројтерс.

Записите покажуваат дека написот потоа бил накратко недостапен, па повторно се појавил во 20:39 часот без бројот на жртвите.

Комсомсолскаја правда е меѓу руските медиуми што лојално ја следат линијата на претседателот Владимир Путин дека Москва спроведува специјална операција во Украина за демилитаризација и „денацификација“ на земјата.

НАТО денеска објави дека според неговите процени, во Украина во четиринеделната војна досега загинале 7.000 до 15.000 војници, пренесе АП.

Висок воен претставник на НАТО рече дека процената на Алијансата се заснова на информации од украинските власти, на она што го објавила Русија – намерно или не – и на разузнавачки информации собрани од отворени извори. Тој зборувал под услов да остане анонимен според основните правила поставени од НАТО.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ