Во емисијата со наслов „Кои лоби групи сакаат да го сменат Венко Филипче“, Фрчкоски избегнувајќи да споменува имиња кои лобираат во процесот на престројување на опозициската СДСМ, сепак со име го наведе претседателот Пендаровски.
„Ме чуди тоа што мешетари Стево Пендаровски. Нема потреба од тоа. А мешетари без везе…“, го апострофираше Фрчкоски конкретно Пендаровски.
Пендаровски не ја игнорираше „прозивката“ на Фрчкоски, па во брзо време по емитувањето на емисијата, возврати со реакција на неговиот Фејсбук-профил.
„Во врска со изјавата на Љубомир Фрчковски дадена во емисијата ‘Во Центар’ во која во негативен контекст го споменува моето име, сакам да го дадам следново појаснување:
Изјавата е проблематична минимум на две нивоа: македонската јавност добро знае дека во моето 30-годишно занимавање со јавните работи никогаш не сум ‘мешетарел’ како многу други во чии кариери нема ништо друго освен заткулисни маневри и кафеанско озборување.
Меѓутоа, многу поголем проблем е што изјавата е целосно одлепена од реалноста и фактите, што, за жал, се случува кај некои луѓе поради ‘квалитетот’ на изворите со кои се дружат“, реплицираше Пендаровски на Фрчкоски.
По завршувањето на вториот круг од локалните избори, што завршија на 2 ноември, актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче најави дека му е потребно време за консолидација на партијата по оставките на членови на раководството.
„„Јас ги најавив промените во раководството, во политиките итн. Нашата идеолошка база и политики остануваат исти. Работиме подолг временски период на програмата. Се однесува на повеќе сектори, согласно нашите вредносни сектори. Таа во периодот кој што следи ќе биде презентирана во јавноста. Работиме и на проширување на опозициската платформа, не само за политички чинители и за многу други граѓански организации, затоа што сметам дека ние сме единствената политичка сила која може да парира и да се соочи со ВМРО-ДПМНЕ“, рече Филипче минатата недела, при сумирање на резултататите од изборите.






