Самитот е во коорганизација на Руслан Стефанчук, претседател на Врховната Рада на Украина и Андреас Норлен, претседател на Парламентот на Kралството Шведска.
На самитот учествуваат над 20 претседатели на парламенти, 10 потпретседатели на парламенти и претседатели на парламентарни собранија.
Потпретседателот на македонското Собрание, Антонијо Милошоски, вечерва на неговиот Фејсбук-профил има објава за средбите самитот во Стокхолм.
„На приемот во Стокхолм имав можност за средба со г-ѓа Ана Брнабиќ, претседателка на српската Скупштина. Одлична прилика да размениме мислење за регионалната соработка, ЕУ интеграциите, војната во Украина, како и за актуелните енергетски теми во Србија. Заедно со колегата г-н Даниел Кривец, потпретседател на Државниот збор на Словенија“, објави Милошоски.
Инаугуративниот самит на Кримската платформа се одржа во Киев на 23 август 2021 година на ниво на шефови на држави и влади. Првиот самит на Парламентарната димензија на Кримската платформа се одржа во 2022 година во Загреб, Република Хрватска, вториот самит се одржа во 2023 година во Прага, Чешка Република, а третиот парламентарен самит се одржа во 2024 година во Рига, Летонија.






