Вкупните приходи се проектирани на 374,7 милијарди денари, расходите на 413,9 милијарди денари, а капиталните инвестиции 40,5 милијарди денари или 650 милиони евра.
Економскиот раст за следната година е проектиран на 3,8 проценти, инфлацијата на 2,5, а буџетскиот дефицит на 3,5 проценти од БДП.
Според министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, предлог буџетот ги опфаќа сите клучни политики што ќе се спроведуваат во наредниот период, со јасна цел – забрзување на економскиот раст, а паралелно со тоа и постепена фискална консолидација.
„Ќе продолжиме со мерки за намалување на сивата економија и зголемување на наплатата на буџетските приходи. Буџетот ќе се темели на реални проекции – приходите ќе се планираат според реалните можности, а расходите ќе бидат насочени кон стратешки приоритети. Ќе продолжи постепената фискална консолидација и дисциплинираното управување со јавните финансии, со цел поголема ефикасност и одговорност во трошењето на буџетските средства. Ќе се намалуваат несуштинските расходи, а поддршката за граѓаните и стопанството ќе се спроведува по јасни критериуми и со засилен мониторинг“, истакна министерката за финансии на 28 октомври презентирајќи го предлог-буџетот.






