понеделник, 23 февруари 2026

Расправа за предлог-законот за високо образование: академската заедница бара поголема универзитетска автономија

Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје (УКИМ) денеска беше домаќин на јавна расправа посветена на Предлогзаконот за високо образование и поврзаните законски решенија, кои се дел од широка реформа на високото образование и научно-истражувачката дејност во земјава. На расправата беа презентирани заклучоците усвоени од Ректорската управа на УКИМ, а присутните академски работници и други учесници дискутираа за законските решенија и забелешките собрани од единиците на Универзитетот до крајниот рок за коментари.

Објавено на

часот

Сподели

Ректорката на УКИМ, Биљана Ангелова, истакна дека Универзитетот очекува новиот закон да обезбеди поголема автономија – функционална, финансиска и кадровска – што е еден од клучните приоритети на институцијата. Таа посочи дека одредби кои во моментот се пререгулирани треба да се релативизираат или отстранат, за универзитетите да можат да донесуваат свои критериуми за избори и реизбори во академски звања, со што ќе се почитуваат специфичностите на различните научни области и факултети.

Посебен акцент на расправата беше ставен на спецификите на уметничките факултети, кои реагираат дека нивните уникатни потреби и постапки не биле доволно земени предвид во предлог-законот. Професорите од тие факултети истакнаа дека одредби од законот може да доведат до нарушување на автономијата и практичната реализација на нивните наставни и уметнички програми.

Проф. Дарија Андовска, декан на Факултетот за музичка уметност, изјави дека нивните забелешки се однесуваат на тоа колку „уметничките факултети се дискриминирани и маргинализирани во однос на другите факултети“.

„А од нас зависи целата културна сцена во државата. Постои само еден член во кои се издвоени факултетите, меѓутоа се запоставени спецификите на нашите студии, особено  ФМУ, кој е специфичен и во рамките на уметничките факултети, затоа што само кај нас постои настава еден на еден“, изјави Андовска.

Проф. Бесфорт Идризи, декан на Факултетот за драмски уметности, рече дека имаат многу забелешки.

„Тоа што е главно и што веројатно го забележуваат и другите факултети и универзитети е автономијата на високото образование. Иако декларативно стои во самиот закон, потоа надолу, во останатите членови од законот, се нарушува таа автономност. За нас, уметничките факултети, не е земена предвид нашата специфика и доаѓаме во судир со многу работи коишто реално во пракса не можат да се реализираат“, додаде Идризи.

Некои од професорите од УКИМ укажаа на нивни забелешки кон законот за високо образование. Илија Ацевски, проф. по социологија на Филозофскиот факултет во пензија, изјави дека има недоречености во делот што го регулира квалитетот на образованието.

„Во целина е добар закон, но има недоречености за квалитетот. Според мене треба да стои дека квалитетот на високото образование ќе го процениме оној момент кога ќе ја процениме спсообноста на дипломираниот студент да работи за тоа што студирал. Тоа значи дека е потребна комисија, тело, што ќе го процени тој факт, а тоа ќе им помогне на оние кои произведуваат кадар сериозно да се зафатат со реформи на процесот. Како професор со 40 години поминати на овој факултет, најбитен е процесот на образование. За жал, ние се занимаваме со други периферни работи, но никогаш не го поставивме што значи квалитет на високото образование“, рече Ацевски.

И покрај критиките, ректорката Ангелова нагласи дека расправата претставува можност за суштински дијалог, а не само формално слушање на коментари, со цел да се дојде до решение што ќе ги земе предвид различните погледи и ќе обезбеди решение што го подобрува квалитетот на високото образование.

Министерството за образование и наука (МОН), како иницијатор на законските предлози, е отворено за конструктивни критики и веќе работи на доработка на текстот на законот со цел да се надминат забелешките од академската јавност, беше истакнато на настанот.

Станува збор за четврта јавна дебата што Министерството ја организира меѓу повеќе универзитетски единици, по претходни средби со академски заедници на други високообразовни институции во земјата.

Сè што работната група ќе смета дека е прифатливо ќе биде икнкорпорирано во новата верзија на законот. По внесувањето на сите забелешки, повторно ќе биде оставен неколку дена на националниот регистар на прописи – ЕНЕР, каде што од саботата е поставен и третиот закон во пакетот – предлог-законот за научно-истражувачка дејност,  изјави министерката Весна Јаневска пред почетокот на јавната дебата.

Јаневска регираше на тоа што се пласираат неточни информации во јавноста кои, рече, најмногу ѝ штетат на државата, а не на министерот.

„Деновиве се изнаслушавме дезинформации и, би рекла, конкретни лаги, дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување научно-истражувачки трудови итн. Лагите и дезинформациите претпоставувам треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа. Оттука апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И како што веќе реков, сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот и веќе и се внесува, за што е можно побрзо да ја завршиме работата“, изјави Јаневска додавајќи дека очекува дискусија на академско ниво.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ