Уставните измени се клучни за да продолжат преговорите за членство на Македонија во ЕУ, но одговорноста за застојот во процесот не е само во Скопје, туку и во Брисел, порачаа денеска повеќе европратеници, расправајќи по извештајот на известувачот за Македонија во Европскиот парламент, европратеникот Томас Вајц.
Во споредба со лани, годинава нови се барањето европската дипломатија да се вклучи повеќе во изнаоѓањето решение, намалената агресивност на бугарските европратеници и пораката дека граѓаните во Македонија се веќе „уморни и исцрпени“ од евроинтеграцијата, откако во 2005 година земјата доби статус кандидат за членство.
Како што потенцира Вајц, има голем прозорец на можности во моментов за целиот регион, но особено за Македонија да продолжи напред кон членство во ЕУ.
„Апликацијата е стара повеќе од 20 години и мислам дека е време да продолжат напред. Има зелено светло од Советот, Комисијата, тука во ЕП има огромна поддршка. Постои реален прозорец на можности и затоа се надевам дека македонските власти нема да ги пропуштат“, порача известувачот на ЕП за земјава.
Според него, и покрај позитивните чекори, напредокот во владеење на правото, реформите во правосудството и борбата против корупцијата останува недоволен.
Вајц повика на итна политичка волја за да се реши застојот со уставните измени. Посочи дека правата на малцинствата за културно изразување и самоопределување се дел од европското законодавство и дел од преговарачката рамка.
„Заклучоците треба да се спроведат, во Уставот да се стават малцинства што се присутни во земјата. Тоа е и во духот на она што би го нарекол успешна приказна на земјата“, рече Вајц.
„Ќе истакнам некои позитивни работи за Северна Македонија. На пример, забележан е напредок поврзан со Коридорот 8 и Коридорот 10, а тоа се важни стратешки врски што ги поврзуваат Истокот и Западот, како и Северот и Југот. Тие стратешки врски се клучни не само за земјите од регионот, туку и за безбедноста на целата Европска Унија. Исто така, сакам да напоменам дека Северна Македонија постојано ѝ помага и ја поддржува Украина“, рече известувачот Вајц.
Кога станува збор за слободата на медиумите, додаде, состојбата е прилично добра во споредба со други земји, но сепак, се намалува просторот на слобода на медиумите. Кога станува збор за лажните вести и за транспарентноста на институциите, потребно е уште да се работи, рече европратеникот.
Северна Македонија, оцени, се наоѓа во тешка позиција бидејќи процесот на пристапување фактички е сопрен.
Известувачот на ЕП за земјава истакна дека на земјата ургентно ѝ требаат странски инвестиции, особено во енергетиката, бидејќи и натаму главното производство на струја е од јаглен, што резултира со големо загадување на воздухот.
Бугарските европратенци, расправајќи по извештајот на Вајц, посочија дека наместо да бара начин како да ги заобиколи преземените обврски, земјата треба итно да ги спроведе уставните измени. Според нив, местото на Македонија е во Унијата, но не по секоја цена.
Бугарскиот европратеник Ивајло Валчев од ГЕРБ изјави дека граѓаните во Македонија се уморни од евроинтеграцијата, „но политичката елита не е“. Тој оцени дека актуелната власт бара надворешни проблеми, за да ги прикрие внатрешните, дека јавните изјави на премиерот Христијан Мицкоски го загрозуваат европскиот проект и го поткопуваат духот на добрососедството, и дека според извештајот на ЕК нема значаен напредок во борбата против корупцијата, нема вистинска независност на судството и на обвинителството и дека без тоа не можат да се заштитат човековите права. Според него, без посветеност на добрососедските односи и европските вредности земјата не може да напредува.
Претставниците на Европската комисија и на Европскиот совет ја повторија потребата од уставните измени, но ги посочија и позитивните сигнали од Владата – Патоказот за јавната администрација како услов за отворање на првиот кластер, Акцискиот план за малцинствата, Патоказот за владеењето на правото, новиот закон за обвинителствата и најавите за нови Изборен законик и Кривичен законик.
Заклучокот од расправата беше дека Македонија има „прозорец на можности“, но дека без јасна политичка волја за уставните измени и без забрзување на реформите, европскиот пат ќе остане закочен.
Дел од другите европратеници што се вклучија во расправата за нацрт-извештајот на Вајц сметаат дека уставните измени се дел од преговарачката рамка за земјата, но дека дел од вината за деценискиот застој во македонските евроинтеграции има и во самата ЕУ. Како што рекоа, очекуваат значителен напредок во реформите до крајот на годинава.
Според европратеникот од Словенија, Матеј Тонин, земјава дефинитивно припаѓа во ЕУ, но реформскиот моментум бара политичка одлучност околу уставните измени. Холандскиот европарламентарец Тиј Реутен рече дека македонските граѓани се уморни и им треба напредок, а причините што го нема ги лоцира во нашата земја, но и во Европскиот совет кој според него не обезбедил кредибилна перспектива, додека Антонио Тангер Кореа од Португалија оцени дека македонските граѓани не се само уморни од чекањето членство, туку и се оддалечуваат од ЕУ.
„ЕУ мора да разбере дека Балканот е дел од Европа. Ако не го интегрираме Западен Балкан имаме безбедносни, економски, социјални и миграциски проблеми. За наше добро треба да го интегрираме Западен Балкан во ЕУ, секако според нашите правила. Но, мора од наша страна да направиме исто така голем напор“, рече тој.
По денешното презентирање, нацрт-извешајот во периодот март – април ќе биде разгледан од сите политички групи, по што следува гласањето за него во АФЕТ во мај, како и гласање на пленарна седница на ЕП пред летната пауза.
ЕП лани во јули со 461 глас „за“, 121 „против“ и 107 „воздржани“ го усвои првиот извештајот на австрискиот европратеник Вајц за Македонија за 2023 и 2024 година, но во него не беше содржана формулацијата македонски идентитет и јазик.






