четврток, 25 декември 2025
МЖ инфраструктура вели дека возовите минуваат внимателно

Рампата на пругата во Драчево нема да работи до јуни, исклучена е поради реконструкција

Граѓани кои секојдневно го користат преминот во скопската населба Драчево, кој е многу прометен се жалат на сериозни безбедносни пропусти, тврдејќи дека рампите се подигнати или сигнализацијата не функционира, додека во исто време поминува воз. Според нив, ваквите ситуации се исклучително опасни и можат да доведат до тешки сообраќајни несреќи со фатални последици.

Објавено на

часот

Сподели

„Не е првпат. Рампите се кренати, нема светлосна или звучна сигнализација, а возот си поминува. Луѓето поминуваат со автомобили, пеш, со велосипеди. Ова е прашање на среќа, а не на безбедност“, велат жители од Драчево, кои бараат итна реакција од надлежните институции.

По реакциите во јавноста, од МЖ инфраструктура за МКД.мк појаснија дека на патниот премин во Драчево моментално се изведуваат градежни работи на делницата Драчево–Илинден, поради што сигнализацијата е исклучена.

„Сигнализацијата е исклучена од наша страна, бидејќи низ патниот премин поминуваат машини кои вршат подбивање на пругите. Во случај кога сигнализацијата не работи, машиновозачите добиваат упатства во согласност со прописите за преминување на патен премин кога не функционира сигнализацијата. Во такви случаи возот застанува пред патниот премин, дава звучна сигнализација и внимателно поминува“, велат од МЖ инфраструктура.

Сепак, граѓаните сметаат дека ваквите објаснувања не ја намалуваат опасноста, особено ако возилата и пешаците не се навремено информирани дека сигнализацијата е исклучена и дека постои активен железнички сообраќај.

Во однос на патниот премин во Хиподром, од МЖ инфраструктура наведуваат дека не би требало да има проблем, но додаваат дека „во секој случај стручните служби ќе ја проверат состојбата на терен“.

Граѓаните, пак, бараат повеќе од проверки – јасно и видливо обележување, привремена сообраќајна сигнализација, физичко обезбедување или присуство на службени лица, сè додека траат градежните активности. Тие предупредуваат дека безбедноста на патните премини не смее да зависи од проценка или претпоставка, туку од јасни правила и мерки што ќе ги заштитат сите учесници во сообраќајот.

„Доволна е една грешка, еден момент на невнимание, и може да се случи трагедија“, порачуваат жителите, апелирајќи до надлежните институции итно да преземат конкретни чекори за зголемување на безбедноста.

Поради реконструкција на пругата на делницата Скопје – Зелениково, од 11 декември до 10 јуни 2026 година нема да сообраќат повеќе возови.

К.Д. 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ