вторник, 10 февруари 2026

Раководството на МВР и премиерот се обратија и покажаа дел од марихуаната (ВИДЕО)

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски заедно со премиерот Христијан Мицкоски и дел од раководните структури во МВР, денеска, преку видеообраќање покажаа дел од марихуаната што изминатата недела се запленуваше на неколку локации во земјата.

Објавено на

часот

Сподели

Министерот Тошковски вели дека комисија од Министерството за здравство веќе констатирала оти марихуаната била третирана незаконски односно дека е произведувана, складирана и чувана надвор од оние утврдени протоколи. Запленетите количини Тошковски рече дека во моментов се складирани во простории на МВР и ќе служат како доказен материјал во постапката што се води во соработка со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).

Тој рече дека се преземаат сите потребни чекори за да може да се утврди фактичката состојба и да се расветли овој случај.

„За жал, оние последици од минатото на негрижа и катастрофален однос, како во делот на повеќе сектори, така и во овој дел, денеска предизвикуваат екстремно штетни последици коишто секако дека ќе биде предизвик да ги решиме како назаконити случаи. Но, во соработка со сите надлежни институции сметам дека во еден разумен временски период ќе делуваме соодветно за да можеме да го отстраниме сето ова незаконито дејство, на кое крајна цел било или македонските улици или улиците низ Европа“, рече Тошковски.

Премиерот Христијан Мицкоски во обраќањето изрази надеж дека уште на денешната владина седница ќе се донесе одлука за формирање комисија и тим која ќе изврши детална проверка на работењето на сите субјекти што се занимаваат со оваа дејност.

„Таа комисија ќе го испита работењето и ќе констатира фактичка состојба кои се тие правни субјекти што работеле согласно закон, а кои не и го злоупотребиле или го изиграле законот“, кажа Мицкоски.

Според него, со акцијата што се случува изминатите денови имале за цел да покажат дека нема компромис со неправдата и со беззаконието.

„Беззаконието мора да се совлада, никој не е над законот и МВР со сиот свој капацитет што го поседува ќе се справи со предизвиците што ги има и кои допрва ќе следат“, рече премиерот.

Тој испрати и порака до „оние што одлучиле дека криминалот е исплатлива работа“ дека тоа можеби било така во некое време во други околности, со друга политичка констелација, но оти денеска криминалот не се исплати.

„Ќе бидете пронајдени и ќе бидете жестоко казнети сите вие што мислите дека криминалот се исплати како професија“, додаде Мицкоски.

Според премиерот, овие 40 тони запленет цвет од канабис се директна последица на „погрешните политики од минатото“ кои веќе нема да се дозволат.

 

 

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ