Татјана Стојаноска-Иванова професор на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“(УКИМ) – Скопје посочи дека дигитализацијата и интернетот е една од причините за булинг меѓу врсниците. Во Општина Штип тим од универзитетски професори имаа работилница со наставниците и воспитувачите во основните и средни училишта, и во детските градинки.
Стојаноска-Иванова вели дека родителите, но и наставниците ја имаат клучната улога кога станува збор за врсничкото насилство кај децата.
„Многу малку се посветува внимание на воспитниот процес – а тоа е круцијално, зашто децата денеска снимаат кога се случува насилство, а не помагаат. Затоа што емпатијата е изгубена. Затоа што развиваме егоисти, индивидуалци, тоа се наметнува и во самато општество. Треба да се врати доброто родителство, бидејќи не ни е оправдание трката по работа“, рече Стојаноска-Иванова.
Универзитетскиот професор, Софија Георгиевска од Филозофскиот факултет при УКИМ-Скопје, вели булингот е неизоставен дел и за менталното здравје. Тој не застанува само во училиштето или надвор од него, туку тогаш почнува, а продолжува дома.
„Детето кога ќе дојде дома сфаќа колку може да развие анксиозност, депресија, осаменост, тага, да западне во ситуација, каде ќе се чувствува несреќно, тажно и осамено. И не само детето, кое е жртва на насилство, дури и оние кои се неми сведоци, не знаат како да постапат во дадената ситуација. Тоа се оние кои се плашат некогаш да пријават, затоа што насилникот е многу помоќен од нив. Но, јас би рекла дека и насилникот е оној, кој има проблеми со менталното здравје“, рече Георгиевска.
Случаи на булинг се забележуваат и во осоновните училишта во Штип. Во ООУ „Ванчо Прќе“- Штип бројката е различна секоја година, но тенденција е таа да се намалува. Директорот на ООУ „Ванчо Прќе“, Кокан Радев вели затоа се преземаат соодветни мерки и активности, работилници со цел да се подигне свеста кај децата и да не се случува меѓуврсничкото насилство.
„Зависи од степенот и видот на насилството се преземаат соодветни мерки. Дел од мерките се повикување на жртвата и на насилниците. Се прават работилници во континуитет. Во училиштето постои тим за превенција од насилство“, изјави Радев.
Универзитетските професори нагласија дека само со партнерско и мулитисекторско работење може да се прекине насилството. Токму затоа треба и да се работи на национална стратегија, која ќе подразбира од истражување до препознавање и превенција, со цел да не се случува меѓуврсничко насилство, заклучи Стојановска-Иванова.
Денешната работилница е во организација на Општина Штип, а на неа присуствуваа наставници од основните и средни училишта и воспитувачи од детските градинки во Штип.






