четврток, 12 март 2026
Сведоштво на судењето за големата трагедија до 63 жртви и над 200 повредени

„Пулс“ работел со празен хидрант за пожар без доволно ПП апарати, а во Кочани инспектор за заштита и спасување нема повеќе од една деценија

Од 2012 година во Кочани немало инспектор за заштита и спасување, кој требало да врши инспекциски надзори во објектите низ градот. Ова денес го откри сведок на судењето за трагедијата во Пулс, во која лани на 16 март загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Судскиот процес се одвива во судницата во Идризово, а им се суди на 35 физички и три правни лица.

Фото: Роберт Атанасовски

Објавено на

часот

Сподели

Сведокот вработен како инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување на подрачјето на Виница денес рече дека никој од ова подрачје не презел никакви дејствија за да направи контрола во локалот бидејќи им било потребно да имаат писмен налог од директор, а такво нешто не добиле.

„До моментот на настанување на пожарот немам преземено никакви дејствија, јас сум распореден во Виница, а клубот е во Кочани. Во клубот до моментот на настанувањето на пожарот во Кочани, колку што ми е познато, нема инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување. Во 2012 или 2013, Благој Јанев се пензионираше, а од тогаш нема инспектор за заштита и спасување. Ние немаме овластување од Виница да делуваме за да вршиме инспекциски надзор. Распореден сум во подрачното одделение во Виница, за кој било вонреден надзор морам да имам писмен налог од директорот, заменикот или генералниот инспектор. Имам вршено вонреден инспекциски надзор во правни субјекти во општината, во училиштата, во ЕВН, во Водостопанство, а за сите надзори имам добиено писмен налог“, појасни пред судот сведокот одговарајќи на прашања од Обвинителството.

Ако бил направен инспекциски надзор во Пулс, според неговото сведочење, ќе се утврдело дали има доволно ПП апарати, дали има хидранти, како и дали имало шема за евакуација ако настане голем пожар.

„Со тој инспекциски надзор се прави проценка на загрозеноста за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, план за заштита и спасување од природни непогоди и други несреќи, се подготвува правилник за заштита од пожари и опасни материи, се утрвдува дали планските документи се доставувани до подрачното одделение и за тие имаат добиено мислење и согласност, се утврдува дали има елаборат за заштита од пожари и дали за него има добиено согласност, дали субјектот има ПП апарати и хидранти, дали има поставено систем за откривање и јавување на пожар, дали има шема за евакуација во објектот, дали има вентилација, дали редовно се врши иситување на громобранска инсталација, дали влезно-излезната врата се отвора и нанадвор и дали има други помошни излези. По ова му се даваат рокови за отстранување или прекршочен платен налог, доколку постојат неправилности. Планските документи треба да се достават до ДЗС за проценката и планот“, појасни инспекторот за заштита.

Тој пред судот додаде дека ако се работи за ноќни клубови, инспекторот, доколку го имало во Кочани, можел да забрани користење на објектот или дел од објектот, ако нема план и би имало отежната евакуација доколку се случи пожар, па и дека може да се сруши ако нема доволен број излези, односно објектот не е безбеден.

По трагедијата во клубот Пулс во Кочани овој сведок бил овластен на врши увид на настанат пожар по барање на ОЈО Кочани, а било утврдено дека има само два ПП апарати, кои не се доволни за таа квадратура, хидрантот за вода бил празен, немал вода, немал црево, заклучена била и задната врата, а на прозорците имало решетки.

„Кога пристигнавме на местото на настанот со увидната екипа, по она што го видов, прво го контактирав генералниот инспектор, не ми се јави, па потоа помошникот го побарав. Тој ми одговори дека е во канцеларијата на директорот и дека се запознаени со настанот, дека има толку многу луѓе и обвинители, а таму беше и Коцевски, дека ќе дојдат и други инспектори веднаш. По кратко време дојде колега од Пробиштип, па дојдоа колегите од Струмица. Видовме црнина, саѓи. Кога влеговме внатре, имаше само два ПП апарати, недоволно за квадратурата, хидрантот беше празен, немаше вода, немаше црево, немаше млазница, дојавувачи за пожар нема, систем за пожар нема, и најболната работа е што задната врата беше заклучена, од внатре немаше квака, а во долниот дел беше заклучена со катанец. Тоа се забележи без оглед што пожарникарите се обиделе да ја скршат таа врата. Ако била отворена, можела да послужи како излез, се разбира. На прозорите имаше решетки“, појасни сведокот.

На ова обвинителите посочија дека улогата на ДЗС не е само сувопарно проверување на документ и дека Пулс за ДЗС бил невидлив.

Адвокатот Ванчо Шехтански на денешното судење реагираше до Обвинителството дека од нивна страна се прават манипулации со прашања и заклучоци со сведокот и дека тоа не е дозволиво.

Адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, бранител на обвинетиот поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Аднан Џаферовски, во случајот „Пулс“ изјави дека институцијата не е надлежна за контроли на угостителски објекти, туку има сосема друга функција.

„Согласно со законот, треба да се сфати дека Дирекцијата за заштита и спасување не е инспекциски орган што прави контроли на кафулиња, кафани и ресторани. Таа е институција што опфаќа територијална одбрана и цивилна заштита на целата држава. Тука не се само пожари, туку и големи несреќи, шумски пожари. Под неа има Воздухопловна единица, а меѓу другото и Генерален инспекторат, кој е надлежен да врши инспекциски надзор на територијата за која е назначен“, рече тој во изјавата за медиумите.

Посочи дека постојат јасни законски одредби што го дефинираат инспекцискиот надзор и дека судот мора да се раководи според нив, без оглед на поединечни толкувања.

Според него, прашањето зошто и денес нема доволен број инспектори е проблем што треба да се постави пред Владата, бидејќи за секое вработување е потребно одобрение од Министерството за финансии.

„Ова не е едноставен, туку комплексен проблем, кој засега, во односите во државата и начинот на кој се пополнуваат местата и како се гледаат определени работи и ситуации, се решава на многу тежок начин“, рече тој.

Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители. Пожарот во дискотеката во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Починаа 63 луѓе, а повеќе од 200 беа повредени.

Катерина Додевска 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ