среда, 13 август 2025

Психолошко вештачење за случајот против Вангелица од Кратово: Долгогодишна жртва на семејно насилство

Во Основниот суд Куманово продолжи рочиштето против 36-годишната Вангелица Илијевска, која, лани во јуни, ги уби сопругот и свекорот во домот во Кратово. Обвинителството бара да се осуди по член 123 од Кривичниот законик, додека нејзината одбрана тврди дека таа, постапувала во нужна одбрана. На денешното рочиште беше сослушано вешто лице психолог-специјалист по медицинска психологија на барање на одбраната на Илијевска.

Објавено на

часот

Сподели

Вештото лице кажа дека заедно со уште една лекарка го правеле извештајот на барање на адвокатската канцеларија која ја застапува обвинетата. Таа од прибраните докази доставени од одбраната, како и од увидот од лекувањето на Илијевска, смета дека обвинетата била долгогодишна жртва на семејно насилство. На прашања на обвинителството, рече дека тврдењето го заснова врз основ на документацијата, извештајот од Центарот за социјални работи Кратово и од анамнезата. Во 2022 лекувањето завршило, а дијагнозата дотогаш укажувала дека Илијевска живеела под траума, предизвикана од надворешни фактори кои предизвикуваат душевно заболување. Вештакот посочи дека доколку обвинетата не била долгогодишна жртва на семејно насиство не би го извршила делото. Обвинителот кажа дека последните податоци за лекување на обвинетата се од 2022 година. Вештакот рече дека по извршените низа тестови од повеќе аспекти, утврдиле дека Вангелица била жртва на семејно насилство. Обвинителството приговараше на сведочењето на вештото лице, а за писмените докази ќе се произнесе по разгледувањето.

На првото рочиште обвинетата кажа дека дејствувала во нужна одбрана. Јавниот обвинител во воведниот говор кажа на 13 јуни, 2024, Илијевска по семејно насилство со нож ги убила нејзиниот сопруг Јован и свекорот Стојан. Обвинителството остана на обвинителниот акт и за продолжување на куќниот притвор. Одбраната на првото рочиште рече дека Илијевска била во брак повеќе од десет години и била жртва на семејно насилство, физичко и психолошко малтретирање од сите членови на семејството, најмногу од нејзиниот сопруг Јован.

Наредното рочиште е закажано на 12 септември, годинава.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ