Вториот круг од локалните избори ќе се одржи две недели после првиот.
Гаши потенцираше дека подготовките за распишување на изборите се во финална фаза, а точниот датум ќе биде соопштен наскоро. Тој нагласи дека ова ќе обезбеди доволно време за сите политички партии и независни кандидати да се подготват за изборната кампања.
„Може да се распишат на 8 август. Сѐ ќе биде во рамките на роковите. Изборниот законик предвидува две важни одредби – прво, изборите да се одржат не порано од 70, а не подоцна од 90 дена по распишувањето. Втората важна точка е Законот за локална самоуправа кој предвидува изборите да се одржат во втората половина од октомври. Во рамките на овие периоди ќе ги распишеме изборите, најверојатно во првата половина од август“, рече Гаши.
Спикерот Гаши исто така информираше дека во Собранието веќе е во тек процес за формирање на работна група за обезбедување на независноста и безбедноста на законодавниот дом за време на изборниот период.
Во однос на предложените измени на Изборниот законик, кои се уште се во собраниска процедура, претседателот на Собранието истакна дека чека сигнал од пратеничките групи дека имаат договор за да може законот да продолжи кон усвојување.
„Немаме засега конкретна најава за усвојување на Изборниот законик. Течат разговори меѓу пратеничките групи, но јас не сум информиран за конечен договор. Чекам знак од нив дека се договориле и дека законот може да продолжи кон процедура“, појасни Гаши.






