Претседателот на ЗНАМ Максим Димитриевски истакна дека движењето ја гледа својата иднина во младите и во нивниот капацитет да креираат нови политики за подобра Македонија.
„Јас во оваа сала гледам огромна енергија и капацитет. Гледам потенцијал за раст и развој. Јас тука ја гледам иднината на ЗНАМ. Вие сте пионерите на младината на ЗНАМ – генерацијата што ќе ја води Македонија напред“, посочи Димитриевски.
Тој потсети дека Движењето ЗНАМ е создадено со идеја за нов, конструктивен и државотворен политички пристап, кој се темели врз чесност, работа и истрајност.
„Нашата цел е да изградиме кадри кои ќе ја креираат не само партиската, туку и државната политика. Мисијата на Движењето ЗНАМ за Наша Македонија е градење на стабилен и одговорен политички субјект кој ќе ја води државата во вистинската насока“, порача тој.
Димитриевски посочи дека една од главните задачи на младите е да останат во својата татковина и активно да ја градат иднината на Македонија.

„Сакаме да ги задржиме идните интелектуалци, да не заминуваат од државата. Македонија не е изгубена – таа може да биде поубаво место за живеење, ако сите вложиме труд и истрајност. Вистинските промени доаѓаат со луѓе што не се откажуваат.“
На крајот Димитриевски упати порака до младите истакнувајќи го значењето на нивната улога во иднината на движењето:
„Јас иднината на ЗНАМ не ја гледам во мене. Јас сум само еден од иницијаторите. Иднината ја гледам во Вас – во идните лидери, во идните авторитети на ЗНАМ. Тоа не се добива преку ноќ, тоа бара работа, труд и упорност.“
Првиот летен камп на Движењето ЗНАМ во Струга претставува почеток на традиција чија цел е да се изгради мрежа на млади политички лидери, подготвени да ја водат државата со визија, енергија и одговорност, соопшти партијата.






