недела, 14 декември 2025

Протест во Аеродром додека чади од кај Вардариште, утре и утринска блокада (ВИДЕО)

Додека траеше 23-та по ред блокада на крстосницата пред мостот Близнак во Аеродром вечерва можеше да се забележи црн чад што се издигаше од правецот на депонијата Вардариште и на небото се појавија светла од дрон, веројатно на агенцијата што го обезбедува тој простор.

Објавено на

часот

Сподели

Од иницијативата Стоп за Вардариште беше соопштено дека денеска измина рокот што им беше даден на институциите од централната и локалните власти за одговор на барањата во однос на депонијата што им беа пратени во саботата и дека поради тоа притисокот врз институциите се зголемува утре со утринска блокада на истата крстоносница со почеток во 7.30 часот.

Утре вечер повторно ќе се протестира во 18 часот како и секој ден. За утре вечер во 18 часот е најавена и блокада на крстосницата во Маџари, општина Гази Баба, на улицата Перо Наков кај железничкиот премин, што е во самостојна организација на жители од таа општина.

Стоп за Вардариште бара затворање на оваа депонија, нејзино оградување, 24-часовно обезбедување, казнување на лицата кои палат оган, ригорозни казни за секое лице, фирма, јавно претпријатие, што ќе истури отпад, иселување на тие околу 200 лица кои живеат токму во депонијата и нивно соодветно згрижување на друго место, како и прецизни мерки како тој простор да се исчисти од отпадот и отровите и да се оплемени.

Беше потсетено дека Вардариште е затворено во 1991 година, но дека сите македонски власти во годините потоа не се зазедоа и практично таа да не функционира како депонија.

Инаку пожарот во Вардариште што започна на 31 август силно го загади воздухот во Аеродром и делови од Гази Баба во деновите потоа што предизвика гнев меѓу граѓаните и страв за здравјето. Силен и непријатен мирис се рашири низ Аеродром и синоќа околу 22 часот, а малку потоа на интернет страницата Iqair.com Скопје беше рангирано на 14 место во светот според загаденоста на воздухот на листата на големи и главни градови.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ