„Ве повикуваме да кажеме јавно и гласно дека насилството врз жените и фемицидите се неприфатливи! Ве повикуваме колективно да ги обжалиме сите девојки и жени кои изминативе години беа убиени од страна на поранешни или сегашни интимни партнери, зашто институциите и заедницата ги игнорирале нивните повици за помош. Ве повикуваме да излеземе на улица – онаму каде што насилниците слободно чекорат и просперираат, додека жените се плашат за своите животи. Ве повикуваме да дадеме поддршка на жртвите на насилство и заедно да кажеме „Ниту една повеќе!“
Фемицидите на кои им претходи сериозно партнерско или семејно насилство растат низ годините, а последниот случај е уште еден доказ за цената што ја плаќаат жените и нивните блиски (а со тоа и целото општество) кога полицијата, обвинителството, судовите и центрите за социјална работа нема да постапат соодветно на протоколите за заштита и законите. Убиството на Росица, и на сите жени брутално убиени од свои сегашни или поранешни партнери, можеше и мораше да биде спречено, а тие да бидат заштитени, велат од Хелсиншкиот комитет.
Секој глас е важен. Дојди и кажи гласно дека женските животи не се безвредни!“,објавено е во повикот.






