Во писмото до медиумите од здружението потсетуваат дека за оваа градба поранешниот премиер Зоран Заев во 2018 година изјави дека „за чичко Никола не може да биде ‘Не!’, мора да биде ‘Да!’“, иако ги прекрши сите можни закони за градење во заштитената крајбрежната зона и ги игнорираше препораките на УНЕСКО.
„И покрај спорната постапка околу пренос на сопственоста и спорната градежна документација, инвеститорот во меѓувреме нелегално дигна уште еден, петти кат, догради дополнителни простории и нелегални тераси свртени кон населбата, а годинава пред почетокот на сезоната го узурпираше и влезот во населбата Лагадин со стеснување на влезната улица од регионалниот пат Охрид – Свети Наум со узурпација на две државни парцели.
Тоа дополнително ја загрозува безбедноста на жителите и гостите не само во населбата, туку и на поширокото подрачје на охридското крајбрежје. Стравуваме дека од урбанистички аспект објектот воопшто ги исполнува сите услови за хотел.
Иако против инвеститорот се поднесени повеќе кривични пријави за нелегално градење и узурпација на јавен простор, не само во Лагадин, туку и во Пештани, тој продолжува со однесувањето ‘никој ништо не ми може’ уште од 2017.
Токму затоа одлучивме како група граѓани собрани во Здружението за заштита на Лагадин да се обратиме до mинистерот за транспорт Александар Николоски и градоначалникот со барање да спречат какви било натамошни интервенции и зафати околу дивоизградениот хотел што ќе нанесат дополнителни штети врз еколошкиот амбиент и чистотата на оваа езерска микролокација“, се вели во писмото на Здружението на граѓани за заштита на Лагадин.






