сабота, 14 март 2026

Протест на ССМ – посебен режим на сообраќај во центарот на Скопје од 12 часот

Посебен режим на сообраќај ќе има денеска во Скопје поради протест, соопштија од Министерството за внатрешни работи.

Објавено на

часот

Сподели

„Во 12:05 часот во организација на Сојуз на синдикатите на Македонија ќе се одржи протест со почеток на траса на движење од пред зградата на ССМ на улицата ‘Мирче Ацев’, лево по ‘Филип Втори Македонски’, десно по ’11 Октомври’, право по ‘Димитрие Чуповски’, десно по ‘Васил Главинов’, право по булевар ‘ВМРО’, лево по булевар ‘Илинден’ до пред Владата. Од тие причини, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќај по наведените сообраќајници во град Скопје“, информираа од МВР.

Се апелира да се почитуваат наредбите што ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците каде што ќе се движат учесниците.

Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска во Скопје ќе одржи работнички протест со барање за зголемување на минималната плата на 600 евра и линеарно покачување на сите останати плати за најмалку 6.000 денари. Протестот, според најавата од ССМ, ќе започне во 12:05 часот пред Работничкиот дом.

Предвидено е запирање пред Собранието, Стопанската комора и пред Владата, каде што претставниците на ССМ и работниците ќе ги испратат главните пораки и барања.

Одлуката за излегување на улица, како што информираше претходно претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, доаѓа по игнорирањето и неисполнувањето на синдикалните барања од страна на Владата и работодавачите. Тие предвидуваат законско усогласување на минималната плата за само 1.667 денари, сума што, според Синдикатот, не ја покрива ниту зголемената вредност на синдикалната потрошувачка кошничка. За учесниците од другите градови е организиран превоз.

Според податоците од Управата за јавни приходи (УЈП) на кои посочи претседателот на ССМ, една третина од вработените во државата земаат плата под 30.000 денари, поради што заклучи дека масовноста на протестот е клучна за исполнување на барањата.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ