Како што информира Сиљановска Давкова преку објава на нејзиниот Фејсбук профил, обете потврдиле дека двете земји, како долгогодишни сојузници, негуваат цврсто пријателство коешто почива на заемна почит и разбирање
„Амбасадорката Агелер ми честиташе за изборот на двете членки на Судскиот совет, оценувајќи го изборот како значаен чекор кон реформирање на ова важно правосудно тело. Во име на македонските граѓани ѝ се заблагодарив на амбасадорката за нејзиниот придонес во продлабочување на соработката и зацврстување на стратешкото партнерство“, напиша Сиљановска Давкова.
Како што се посочува во објавата на претседателката, Агелер нагласила дека и по заминувањето од Скопје, ќе продолжи да ја помага земјата во којашто поминала значаен дел од кариерата.
„Таа истакна дека, и по заминувањето од Скопје, ќе продолжи да ја помага земјата во којашто поминала значаен дел од кариерата, за што ѝ се заблагодарив, посакувајќи ѝ понатамошни професионални успеси“, напиша Сиљановска Давкова.

Претходно Агелер имаше проштална средба и со претседателот на Собранието на Република Македонија, Африм Гаши.
На средбата Гаши изразил благодарност за нејзината лична посветеност, професионален пристап и поддршка на демократските процеси во државата. Особено била нагласена нејзината улога во јакнењето на институционалната соработка, градењето доверба и унапредувањето на дијалогот со Собранието.
Претседателот на македонското Собрание упатил благодарност и до амбасадата на САД за континуираната и силна поддршка на Република Македонија во зајакнувањето на демократските институции, владеењето на правото, стабилноста и евро-атлантската ориентација на земјата. Во тој контекст била нагласена и благодарноста до Соединетите Американски Држави како стратешки партнер и сојузник.
Гаши нагласил и дека придонесот на амбасадорката Агелер и на САД оставил видлива и позитивна трага во развојот на демократските и современите процеси во државата. Тој исто така изразил уверување дека пријателските односи и соработката ќе продолжат и во иднина.






