Во текот на досегашната постапка се обезбедија докази кои даваат основано сомнение дека сега осомничениот, инаку вработен во МВР како полициски службеник, бил соизвршител на трите лица против кои беше покренато обвинение пред десетина дена.
Сите тие се товарат дека заедно од објектот на „Полуконти –ИГМ“ и подземните тунели низ кои поминуваат кабли за напојување со електрична енергија одзеле повеќекилометри високоенергетски и среднонапонски кабли во сопственост на оштетените правни лице АД ЕСМ – Електрани на РСМ – Подружница енергетика Скопје и МакСтил АД Скопје во вкупна вредност од околу 440 илјади евра.
Откако со апарат се уверувале дека каблите не се под напон, со батериска брусалка ги сечеле и ги складирале каблите до влезот од тунелите. Поради нивните дејствија, на 9 април настанал и пожар во трафостаницата ТС Југ со кој била предизвикана и дополнителна штета на јавните инсталации за чие санирање биле потребни повеќе од 100 илјади евра, а не се реализирало и планираното производство и дистрибуција на електрична енергија кон крајните корисници на електрична енергија за период на санација на дефектите во вредност околу 60 илјади евра.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор и за овој осомничен. Тројцата негови соизвршители против кои претходно беше покренато обвинение исто така се обезбедени со мерка притвор по предлог на обвинителството, поради опасноста од бегство, можноста за влијание врз сведоци и ризикот да го повторат делото.






