Оне стоп дигитал центар е платформа, односно алатка која е поддржана и овозможена од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Идејата, како што велат од комората, произлезе по констатирање на потребата на компаниите на едно место да се инкорпорираат сите информации лесно достапни на веб-платформа и апликација на мобилни уреди. Тоа ќе претставува алатка за лесна комуникација и поврзаност која ќе дава, но и ќе разменува информации.
„Фокусот на ММСП значи економски развој, одржливост и извор на иновативност. Затоа како комора работиме на сè поголема поддршка и фокус како подобро и побрзо да ги доближиме до потребните информации и ги вклучиме во партиципирање на сите процеси“, велат од Стопанската комора.
Претседателката на Центарот за микро, мали и средни претпријатија, Габриела Кулебанова истакна дека дигиталната платформа ќе може да ја користат само компаниите членки со нивно логирање, за што ќе добијат посебна лозинка.
„Улогата на оваа група доминанти компании по број и вработени во секоја економија имаат значајна улога. Ова се најбрзорастечки компании, како форма на дејствување, вработуваат многу лица, а од друга страна поради тоа што немаат поединечно многу вработени често се соочуваат со неможност физички да се присутни на места каде се случуваат бизнис-настани, а уште помалку можат да следат што се работи на дневно ниво преку отворање класично на веб-страница на Комората. Затоа преку мобилната апликација, комората односно центарот за ММСП се приближува до фирмите и им овозможува на брз и едноставен начин да имаат достапност до разните форми на информации од бизнис делувањето“, рече Кулебанова во своето обраќање.
Соња Ингилизова од ЕБОР посочи дека преку дигиталната платформа на едно место малите и средните компании ќе имаат пристап до дневни информации важни за нивното работење, раст и развој. Нагласи дека дигитализацијата е приоритет на ЕБОР и додаде дека оваа соработка е целосно усогласена со нивната стратегија.
Платформата ја изработи Илија Серафимов, преку фирмата „Серафимов груп“. Тој ги презентираше содржините и функционалноста на платформата пред присутните компании.