петок, 13 јуни 2025

Промовиран Родовиот акциски план 2024 – 2028 во одбраната: Родовата еднаквост не подразбира давање предност, туку еднаков третман за сите

Во организација на Министерството за одбрана и Армијата, денеска, се одржа промоција на родовата самопроценка во одбраната и на Родовиот акциски план 2024 – 2028 година, каде обраќања имаа претседателката на државата Гордана Сиљановска – Давкова, министерот за одбрана Владо Мисајловски, како и амбасадорката на Кралството Шведска, Ами Ларсон Јаим и заменик-директорката на Женевскиот центар за управување со безбедносниот сектор, Беатрис Годефра.

Објавено на

часот

Сподели

Како врховна командантка на оружените сили, Сиљановска – Давкова порача дека кон родовите прашања во Армијата и во одбраната не се однесува само како набљудувачка, туку како актерка. Според претседателката, за многу жени во одбраната, вистинската борба не почнува во мисиите каде учествуваат, туку во нивните сопствени редови – како борба за еднакви услови за работа и рамноправен статус.

„Жалам што за многу жени во одбраната, без оглед дали се дел од министерството или од воените структури, вистинската борба не почнува во мисиите во коишто учествуваат и еднакво се жртвуваат, туку во нивните сопствени редови, како борба за еднакви услови за работа и за рамноправен статус, како борба за усогласување на професионалниот живот со семејните обврски, а за жал и борба понекогаш за еднакво вреднување на трудот и напредокот“, истакна Сиљановска – Давкова.

Промовирањето на родовата еднаквост, додаде, не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите.

„Според мене, промовирањето на родовата еднаквост не подразбира давање предност, туку отстранување на пречките и овозможување еднаков третман за сите. Ние мора да го израмниме патот и да отвориме простор за извонредност, без оглед на тоа од каде таа доаѓа“, порача претседателката.

Министерот за одбрана, Мисајловски истакна дека 52,3 отсто на раководните позиции во министерството се жени, посочувајќи дека процентот на застапеност на жените мора да продолжи да се зголемува. Приоритет на министерството е, вели, поголема застапеност на жените не само како бројка, туку како квалитет. Родовата еднаквост ја нарече „цивилизациска вредност која го сублимира сиот потенцијал и капацитет и создава синергија која ќе биде моторот за заеднички развој“.

„За нас, приоритет е поголемата застапеност на жените во безбедносните структури – не само како бројка, туку како квалитет. Можеби најзначајниот чекор го направија македонските граѓани кои со изборот на првата врховна командантка на Армијата, претседателката Сиљановска – Давкова на оваа врвна државна позиција, покажаа дека се ослободени од стегите на тоа дали државата, а со тоа и вооружените сили на чело имаат маж или жена“, рече Мисајловски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ