Оваа иницијатива на невладиниот сектор, после неколкугодишни одлагања и преговори со различни министри, конечно пред неколку месеци доби и институционална поддршка. Министерот за здравство Азир Алиу се согласи во работната група на министерството, каде се подготвува нов закон, да се вклучат претставници на невладиниот сектор. Алиу веќе изјави дека е апсолутно против постоењето на дискрециското право и дека целосно ќе ги примени препораките на групата невладини организации.
„Јавно информирам дека овој член за мене е нелогичен. Кога се работи за доктор или за медицинска сестра, не може директорот да одбере кој од нив е најдобар, мора да се избере најдобро рангираниот. Јавно кажувам дека сум против ова. Сега менуваме 12 закони и во рамките на тие измени ќе биде опфатен и овој член. Сите сме ние потенцијални пациенти и овде не може меритократијата да се множи со нула“, изјави Алиу.
Но, за граѓанските организации укинувањето само на овој член, што сега го бара и Левица, не е доволно. Граѓанските организации подготвија пакет измени кои се однесуваат не само на укинување на дискрециското право, туку и на уредување на начинот на избор.
„Имаме подготвено цел пакет барања што ги доставивме до МЗ и на кои веќе работиме во рамки на работната група. Она што со задоволство можам да го кажам е дека сите наши клучни барања кои се однесуваат на начинот на избор на комисијата што треба да го прави интервјуто, критериумите според кои ќе се оценува кандидатот, бодувањето, траењето на огласот, каде тој ќе биде објавен и така натаму, се веќе прифатени од Министерството. Многу е важно да видиме како на крај ќе изгледа предлог законот што МЗ ќе го достави во Собранието, затоа што и една запирка може многу да значи, но во моментов сите наши клучни барања за измени се прифатени, што е многу важно, оти само ако се укине дискрециското право ништо не правиме“, изјави Гоце Коцевски, правен експерт на иницијативата на последната јавна дискусија организирана од „Солуција“.
Оваа невладина, заедно со нивната граѓанска сила „Замисли“, а со поддршка на сите еснафски лекарски организации во последниве три години организираа серија вакви настани низ Македонија и во Скопје под името „Ни ваши ни наши – реформа за фер вработувања во јавното здравство“.
На нив истакнати лекари и универзитетски професори, како и правни експерти прво го отворија проблемот со вработувањата на здравствените работници, а потоа понудија и конкретни решенија.
Министерот Алиу е првиот министер што почна процес на законски измени, а во јавен настап кажа дека за нив разговарал и со премиерот Христијан Мицкоски од кого има безрезерна поддршка.






