четврток, 19 март 2026

Производителите на тутун и цигари реагираат на предлог-законот за заштита од пушење

По повод денешната изјава на министерот за здравство Азир Алиу за предлог-законот за заштита од пушење, Групацијата за производство на цигари и Здружението на производителите на тутун при Стопанската комора на Македонија (СКМ), изразија „длабока загриженост и разочарување“ од дополнетиот и изменет текст на предложеното законско решение, кој бил доставен до нас двете здруженија на 17 март годинава.

Објавено на

часот

Сподели

Во реакцијата се наведува дека и покрај фактот што намерата на двете здруженија при подготовката на законот била да бидат конструктивни и кооперативни, ниедна од нашите аргументирани забелешки не била вградена во новата верзија на предлог-законот за заштита од пушењето.

„Во изминатиот период свесно се воздржавме од медиумски настапи сметајќи дека треба да ја вложиме енергијата во професионален и конструктивен процес со институциите – работни состаноци, технички средби и споделување меѓународни најдобри практики, особено во области што и самото Министерство за здравство ги истакнува како приоритет, строга рамка за забрана на пушење во затворени простории и ефикасна заштита на малолетниците од пристап до тутунски производи. За жал, како директно засегната индустрија, нашите ставови и мислења воопшто не се земени предвид. Предложениот текст, иако формално наведува јавноздравствени цели, реално воведува несразмерни ограничувања, кои го нарушуваат легалното работење на индустријата и создаваат сериозни последици што ќе се почувствуваат многу бргу. Овој текст е неусогласен со релевантната регулатива, во делови неприменлив и несразмерно рестриктивен, со директно негативно влијание врз легалните комерцијални активности. Иако ја поддржуваме целта за строга рамка за забрана на пушење во затворени простории и заштита на младите, предложените решенија нема да ги постигнат посакуваните резултати во јавното здравје“, велат од двете здруженија.

Според нив, уште поважно е што предложените мерки не водат кон намалување на употребата на тутунски производи, туку поттикнуваат одлив кон сивата економија, која веќе достигнува 13-14 отсто од пазарот, со неконтролирана продажба, небезбедни производи, прекугранично снабдување и сериозни загуби за буџетот.

Од двете здруженија дополнуваат дека тутунскиот сектор претставува значајна економска гранка, земјоделство, откуп, преработка, индустриско производство, извоз, HoReCa, логистика и над 5.000 малопродажни објекти. Во последните пет години државата инкасирала повеќе од 1,125 милијарда евра акцизни приходи, а само минатата година остварени се речиси 350 милиони евра од акцизи, царини и даноци и над 200 милиони евра од откуп на тутун.

„Затоа, од почетокот, а и денес, го поставуваме истото суштинско прашање, дали министерството за здравство при креирање на законот ја вклучи и стратегијата како државата ќе се справи со одливот кон нелегалниот пазар, недостапноста до легални производи и последиците врз целокупната економија предизвикани од падот на буџетските приходи? Ние како Групација од Министерството за здравство бараме реална транспарентност, суштинска инклузивност и регулаторни решенија, кои се пропорционални, применливи и засновани на докази, а не мерки што одат подалеку од европските практики и директиви, како и неусогласеност со други позитивни законски прописи и притоа создаваат повеќе штета отколку корист. Компаниите членки на оваа Групација носат експертиза од над 180 пазари во светот и остануваат целосно подготвени да придонесат кон решение што навистина ќе биде ефективно, спроведливо и во интерес на јавното здравје, граѓаните и економијата“, велат од двете здруженија за производство на тутун и цигари.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ