„Во таа насока, со особена гордост ја потврдуваме информацијата дека Бранко Азески, еминентен економски експерт и долгогодишен претседател на Стопанската комора на Македонија, веќе е назначен за претседател на одборот на директори на Прогресив Академија.

Како исклучително признат и влијателен глас во полето на економијата и претприемништвото, г. Азески ќе придонесе со своето богато искуство, стратешка визија и силни регионални и меѓународни партнерства во натамошниот развој на академијата. Неговото активно вклучување во раководењето со академијата претставува стратешка поддршка во нејзиното позиционирање како референтна точка за современо деловно образование и практична подготовка на идните носители на економскиот развој. Под негово претседателство, Академијата ќе продолжи да ја унапредува програмската структура, квалитетот на наставата и можностите за вмрежување со реалниот сектор, со цел учесниците да добијат не само знаење, туку и вистински потенцијал за примена на тоа знаење во практика“, информираат од Прогресив Академија.
Воедно, информираат дека се во тек уписите за петтата генерација учесници на Прогресив Академијата. Програмата е дизајнирана за амбициозни бизнис-луѓе и сите оние кои сакаат да го унапредат своето деловно размислување, лидерски капацитет и практични вештини во динамична и поддржувачка средина.






